Европската комисија и транспортните здруженија од Западен Балкан треба да ги продолжат преговорите за решавање на проблемот со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната. Вториот состанок на техничката група беше најавен за денеска, но, како што кажува Билјана Муратовска од „Макам-транс“, состанокот бил откажан и до затворањето на весникот не беше прецизирано за кога ќе се презакаже. Превозниците предупредуваат дека сегашните административни мерки создаваат големи логистички и економски предизвици. Регионалните експерти оценуваат дека без практично решение, може да се загрозат стабилноста на синџирите на снабдување и конкурентноста на компаниите од Западен Балкан. Во меѓувреме, транспортниот сектор чека конкретен одговор од ЕУ за олеснување на мобилноста на професионалните возачи

 

Европската комисија ги повика превозниците од земјите на Западен Балкан да аплицираат за Шенген-визи и дозволи за престој, со цел да можат непречено да работат во Шенген-зоната, иако новите правила за влез и за престој создаваат сериозни административни и логистички предизвици. Повикот беше упатен како дел од обидите да се одржи транспортниот проток додека се бара трајно решение преку техничките работни групи на ЕУ.

Портпаролот на Комисијата, Гијом Мерсие, нагласи дека превозниците треба да аплицираат во тесна соработка со соседните Шенген-држави за да се избегнат застои и компликации на граничните премини.

Меѓутоа, Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата „Макамтранс“, укажува на практичните тешкотии.

– Тоа не е едноставно. На пример, многумина наши превозници превезуваат стока за Англија, а за да стигнат дотаму, ќе треба да извадат визи за Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Белгија и за Англија. За да ги извадат сите овие визи, ќе им треба минимум еден месец и пасошот ќе им биде полн со визи. Турците имаат ваква шема на вадење визи за сите држави, и тоа е многу тешко – вели Муратовска за весникот ВЕЧЕР.

Според Муратовска, предложеното решение од Комисијата, односно издавањето визи за секоја држава поединечно, не е практично и може да доведе до губење на возачите и до преселба на компаниите во земјите членки на ЕУ, со што би се нарушила конкурентноста на домашните економии.

Новото правило за престој „90/180 дена“, воведено со европскиот систем за влез и излез (EES), значително го ограничува времето што можат да го поминат возачите во Шенген-зоната. За транспортните компании од Западен Балкан, тоа практично значи дека возачите можат да работат само околу 15 дена месечно. Минатиот месец, ова предизвика регионални блокади на граничните премини, кои беа прекинати по најавите за институционален дијалог со ЕК.

Регионалните здруженија на превозници бараат професионалните возачи да бидат изземени од правилото „90/180 дена“ и предлагаат решение преку специјални Шенген-визи со подолг престој и повеќекратен влез, национални работни визи во одделни држави членки, правно толкување дека транзитното движење не се смета како престој, како и долгорочен регионален договор ЕУ – Западен Балкан за мобилност на професионалните возачи.

Во меѓувреме, техничките работни групи на ЕУ и на Западен Балкан продолжуваат со дискусиите, но конечна одлука сè уште нема. И додека траат преговорите, транспортните компании се соочуваат со зголемени трошоци, ризик од прекин на испораките и со правна несигурност за престојот на возачите.

За денеска беше најавено одржување на вториот состанок на техничката група за да ги продолжи разговорите, но, како што вели Муратовска, состанокот бил откажан и до затворањето на весникот, не беше прецизирано за кога ќе се презакаже.

Регионалните експерти предупредуваат дека решението мора да ги усогласи потребите на транспортниот сектор со Шенген-правила и со безбедносните стандарди за да се зачува стабилноста на синџирите на снабдување во Европа.

Недостигот на практично решение за професионалните возачи може да има директни економски и логистички последици за земјите на Западен Балкан. Ако се соочат возачите со ненајавени забрани за влез или депортации поради правилото „90/180“, компаниите ќе се соочат со: зголемени трошоци за транспорт – ќе мора да ангажираат повеќе возачи за истите маршрути или да користат поскапи алтернативи; прекршување на роковите за испорака – забавените или прекинати испораки ќе влијаат на довербата на клиентите во Европа; миграција на компаниите и на возачите – за да останат конкурентни, некои фирми би можеле да се преселат и регистрираат во земјите членки на ЕУ, што ќе резултира со загуби во приходите и на работните места во матичните земји, како и непредвидливост на пазарот затоа што транспортниот сектор е клучен за синџирите на снабдување; непостоењето флексибилни правила може да ја наруши стабилноста на целиот регионален пазар.

Регионалните експерти предупредуваат дека одлуката на ЕУ за третманот на професионалните возачи ќе биде преседан што може да влијае и на други трети земји што имаат тесни транспортни врски со Шенген-зоната. Ваквиот предизвик бара внимателно балансирање меѓу безбедносните и административните стандарди на ЕУ и економската реалност на Западен Балкан.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ