Шенген веќе не е ист, наместо печат во пасош, отпечаток и фотографија во анфас за влез во ЕУ

ЕЕС не е исто со ЕТИАС, првиот почнува од 12 октомври, вториот од следната година

1032

Новите правила за влез во Шенген-зоната за граѓаните на земјите кои не се дел од Европската Унија, на почетокот ќе донесат хаос по граничните премини, но по целосното прибирање на биометриските податоци, протокот ќе биде побрз – ова би бил заклучокот од брифингот на новинарите со делегацијата на ЕУ во земјава по повод воведувањето на двата система – ЕЕС, кој почнува од 12 октомври и ЕТИАС, кој се одложи за втората половина на следната година.

Македонските граѓаните од 12 октомври при влез во Шенген-зоната на ЕУ ќе мора да остават биометриски податоци – отпечаток од прст и фотографија, согласно со новиот систем за влез-излез наречен ЕЕС.

Што значи ЕЕС за македонските граѓани

Доколку по 12 октомври решите да заминете за Грција, во полициската кабина ќе биде побарано да се фотографирате и да оставите отпечаток од прст. Од оваа обврска се ослободени децата под 12 години. Штом системот еднаш ги добие биометриските податоци, тие стануваат трајни и на секој следен влез во ЕУ зоната нема да ви биде побаран пасошот за печат, а рампата автоматски ќе се дига.

Системот ќе се воведува постепено, во рок од шест месеци, па така во првите 30 дена биометриски податоци ќе оставаат селектирани патници кои чекаат за влез. Според информациите од ЕУ, Грција ќе го воведе системот веднаш на сите гранични премини со Македонија, а соседна Бугарија прво на Ѓушево и Деве Баир, а до крајот на годината и на другите.

Системот EEС ќе се воведува постепено на надворешните граници на 29 европски држави вклучувајќи ги Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, во период од 6 месеци, односно до 9 април 2026 година.

Од делегацијата на ЕУ во Македонија уверуваат дека до следната летна сезона се очекува побрз проток на патници кон туристичка Грција. Превидено е воведување и на мобилни станици за фотографирање и отпечатоци кои ќе го олеснат прибирањето на биометриски податоци во автобусите.

Воведувањето на системот е предвидено да се одвива во четири фази, во првата фаза – 30 дена од 12 октомври, неговата примена е 10 проценти од сите патници кои влегуваат во Шенген-зоната на ЕУ да бидат во согласност со новиот систем, втората фаза предвидува да бидат опфатени 35 проценти во првите 90 дена од примената, третата фаза е до 150 дена да бидат опфатени половина од патниците и четвртата фаза е 170 дена од примената да бидат опфатени сите патници во Шенген-зоната.

Освен поголема ефикасност на граничните премини, целта на ЕЕС-системот е да се спречи илегалната миграција, односно луѓето што влегуваат во ЕУ со лажни документи, како и поголема контрола на краткиот престојот во Шенген-зоната од 90 дена. Повеќе информации за системот ЕЕС за влез-излез во ЕУ може да се најдат на официјалниот сајт на ЕУ

travel-europe.europa.eu/ees

Евроамбасадорот во земјава, Михаил Рокас, нагласи дека овој систем не е ист со ЕТИАС за влез во ЕУ, кој треба да почне да функционира кон крајот на следната година и да не се прави конфузија кај граѓаните.

ЕТИАС е посложен и ќе почне да функционира од втората половина на 2026

Системот ЕТИАС за влез на македонските граѓани во Шенген-зоната е сосема различен од системот ЕЕС и би можел да се протолкува како вадење виза ама преку интернет, односно секој оној што планира да патува на кус рок ќе мора онлајн да го најави патувањето и да ја наведе земјата на престој. Регистрацијата, како што е најавено, ќе чини 20 евра и ќе важи 3 години или до промена на пасошот, од плаќање се исклучени малолетни и постари од 70 години. Одобрувањето ќе биде во рок од неколку минути, но кај некои апликанти може да трае и неколку дена, а не е исклучено да ве повикаат на интервју.

Апликацијата која треба да се пополни бара: име, презиме, датум, место на раѓање, државјанство, адреса, имиња на родители, е-пошта, телефон, број на пасош, информации за образование и моментното занимање, понатаму, информации за планираното патување и престој, дали апликантот има кривични пресуди, патувања во зони на конфликт, или бил предмет на одлука за протерување. Откако ќе се пополнат сите барани полиња, ќе добиете е-пошта со потврда за поднесена апликација и уникатен број кој треба да го зачувате . По обработката на апликацијата ќе добиете уште една електронска порака со одговор. Задолжително е да напишете точни податоци бидејќи во спротивно нема да ви биде дозволен влез. Ако апликацијата е одбиена, ќе добиете објаснување зошто ве одбиле. Според документите што го објаснуваат ЕТИАС-системот, треба да се аплицира рано, на пример, пред да купите авионски билет или да резервирате сместување. Пасошот мора да биде валиден најмалку 3 месеци по заминувањето – во спротивен случај влезот ќе биде одбиен. Кога ќе аплицирате, потребно е да ја наведете првата земја од ЕУ каде ќе влезете, но откако ќе ја добиете дозволата можете да ги промените плановите и да влезете во која било земја во Шенген-зоната. Нема групна или семејна апликација, само индивидуална и со секоја промена на личен податок морате да аплицирате за нова ЕТИАС-дозвола. Властите, меѓу другото, може да ве одбијат за влез и доколку оценат дека сте од безбедносен, имигрантски или епидемиски ризик или доколку се сомневаат во вистинитоста на податоците. Апликантот ќе има право на жалба, а може и повторно да аплицира. Од ЕТИАС-дозвола се исклучени студентите кои имаат виза за подолг престој или оние што имаат работна виза или дозвола за престој во ЕУ-земја. Исклучоци се и лекување во случај на загрозување на животот на апликантот или роднина, одење на погреб на член на семејството, обврската да се појави пред судот или некоја друга важна обврска. Во тој случај, патникот ја пополнува апликацијата ЕТИАС за т.н ограничена дозвола со наведување на причината, ја издава земјата во која патува лицето и важи само за патување во таа земја најмногу 90 дена. На пример, ако се работи за одење на погреб, земја од ЕУ може да дозволи влез само за деновите на погребот. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ