Шефови на држави откажуваат учество на самитот на Г20, САД целосно го бојкотираат

287

Лидери на повеќе држави го откажаа учеството на годинашниот состанок на групата Г20 во која се најмоќните земји и земјите со забрзан рaзвој.
Учеството на самитот што ќе се одржи во Јужноафриканската Република в сабота и недела, први го откажаа кинескиот претседател Шји Џинпинг и рускиот Владимир Путин. Но, тие испраќаат свои претставници – премиерот Ли Чијанг го заменува Шји, а заменик-шефот на претседателската администрација, Максим Орешкин, го заменува Путин.

САД целосно го бојкотираат самитот и нема да имаат свој претставник, иако претседателот Доналд Трамп претходно најави дека потпретседателот Џ. Д. Венс ќе го претставува. Трамп ја обвинува јужноафриканската влада дека ги прогонува и ги убива белите земјоделци за да ја конфискува нивната земја и тоа го наведува како причина за неприсуство. Но, Трамп сигурно ќе учествува на самитот следната година, зашто неговата земја е домаќин.

Нема да дојдат ни претседателите на Аргентина и на Мексико, кои, како и Кина и Русија, ќе испратат претставници. Со ова, од вкупно 19 претседатели и премиери на земји членки на Г20, на овој самит ќе дојдат само 13.

ИЗДВОЕНИ