Познатиот УФЦ-борач, Кевин Холанд, кого овој викенд го чека атрактивна борба во Ванкувер со Канаѓанецот Мајк Малот, сподели една интересна анегдота поврзана со првиот човек на УФЦ, Дана Вајт, кога завршил во болница. Имено, по неговиот последен пораз од Даниел Родригез, Холанд заврши на списокот на Вајт за итна помош поради бизарна грешка.

Холанд рече дека во текот на неделата пред борбата во Њу Орлеанс, неговата исхрана била прилично монотона. Се потпирал на оброци од Институтот за перформанси на УФЦ, а менито се состоело претежно од шпагети со црвен сос. По исцрпувачката борба од три рунди против Родригез, се случило нешто што сериозно го загрижило Вајт.

  • Нарачав шпагети, претежно. Имав тестенини „белаџо“ за појадок, ручек и за вечера. Имаше лут сос, малку мелена црвена пиперка и пармезан. Беше одлично, започна Холанд за „Фул сенд ММА“, па додаде:
  • Проблемот беше што, по борбата со Родригез, влегов во соблекувалната и повраќав црвен сок од тестенини насекаде, се насмеа Холанд, додавајќи: „Потоа влезе Дана Вајт и рече: „Мали, оди во болница, повраќаш крв“. Јас реков дека не повраќам крв, туку тестенини. А тој ми рече: „Оди во болница, мислиш дека знаеш повеќе од докторот?“

Покрај приказната за болницата, Холанд призна уште една смешна грешка. Додека го ставаше на коцка својот статус како играч во велтер категоријата меѓу првите 15, тој откри дека во добар дел од времето не бил сигурен со кого, всушност, се бори.

Тој верувал дека неговиот противник Мајк Малот е, всушност, австралискиот ветеран Џејк Метјуз и дека „Малот“ е само негов прекар.

  • Не лажам, луѓе, цело време мислев дека се борам со Џејк Метјуз, рече Холанд, додавајќи: „Мислев дека ’Малот’ му е прекарот. Сепак, мислам дека ќе биде одлична борба.“

 

ИЗДВОЕНИ