„Шефот“ на криптовалутите пронајден мртов во затвор во Tурција: Бил осуден на 11.190 години

Озер е уапсен во Албанија на 30 август 2022 година, откако Турција го бараше како бегалец за измама на илјадници инвеститори.

47
screenshot video Halktv

Фарук Фатих Озер, основач на берзата за криптовалути „Тодекс“, е пронајден мртов во својата ќелија во затвор со висок степен на безбедност во Турција.

Според турските медиуми, Озер е пронајден обесен со чаршаф околу вратот, зад вратата од бањата во неговата ќелија. Државното обвинителство започна истрага, додека неговото тело е испратено во Институтот за судска медицина на обдукција.

Во обвинението на Канцеларијата на генерално обвинителство на Анадолија се наведува дека компанијата „Тодекс“, основана од Озер со капитал од 12.000 евра, ги измамила корисниците преку нелегални дејствија на платформата за тргување со криптовалути.

Озер е уапсен во Албанија на 30 август 2022 година, откако Турција го бараше како бегалец за измама на илјадници инвеститори.

По одлуката за екстрадиција од страна на Апелациониот суд во Драч, тој беше испратен во Турција на 20 април 2023 година.

Анадолскиот виш кривичен суд го осуди на 11.190 години затвор на 7 септември 2023 година за „основање криминална организација, квалификувана измама и перење пари“.

Озер ја основа својата компанија во 2017 година, а таа брзо стана една од најголемите крипто берзи во Турција. Во април 2021 година, компанијата објави дека не може да продолжи да работи, а Озер избега во Албанија. Во тоа време, тој вети дека ќе им ги врати сите пари на инвеститорите и ќе се врати во Турција.

Сепак, тој се врати во Турција дури по постапката за екстрадиција и долгата правна битка.

ИЗДВОЕНИ