
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот објави дека неговиот шеф на кабинетот, Андриј Јермак, поднел оставка поради скандал со корупција, пренесе „Хина“.
Украинските антикорупциски власти извршија рација во домот на Јермак во петокот наутро.
Јермак потврди на платформата „Телеграм“ дека претресот се одвивал во неговиот дом и дека тој целосно соработува со властите.
Во заедничка изјава, Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) на Украина и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) изјавија дека претресите биле „одобрени“ и се поврзани со неодредена истрага.
Порано во ноември, НАБУ и САПО открија голем скандал со корупција од 100 милиони долари во државната компанија за нуклеарна енергија, во кој биле вклучени поранешни високи функционери и поранешен деловен партнер на украинскиот претседател.
Јермак не беше именуван како осомничен во истрагата во тоа време, но пратениците од опозицијата и некои членови на партијата на Зеленски побараа негова оставка во услови на најсериозната политичка криза во Украина од почетокот на војната.











