| Мир уште нема, ама Трамп има план за футуристичка метропола на Блискиот Исток |
Луксузни крајбрежни одморалишта, брзи железници и паметни енергетски мрежи оптимизирани со вештачка интелигенција е визијата на администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, за проектот „Санрајз“ (проект „Изгрејсонце“). Со тој план им се предлага на странските влади и инвеститори да ја претворат опустошената Газа во футуристичка крајбрежна метропола, објави „Волстрит џурнал“.
Нацртот подготвен од зетот на Трамп, Џаред Кушнер, специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и од мал круг високи функционери во Белата куќа имал презентација во „Пауер поинт“, од 32 страници, означена како „чувствителна, но некласифицирана“. Претставени се илустрации на крајбрежни облакодери, графикони и табели со трошоци. Во планот недостига кои земји или компании ќе ја финансираат реконструкцијата, а не е прецизирано ниту каде ќе живеат приближно двата милиони раселени Палестинци во текот на реконструкцијата. Американските претставници велат дека веќе ја покажале презентацијата на потенцијални донатори, вклучувајќи ги богатите монархии од Персискиот Залив, Турција и Египет.
Некои американски претставници што го виделе планот изразуваат сериозни сомнежи за неговата изводливост. Тие се скептични во врска со можноста да се согласи Хамас за разоружување, што е предуслов за почеток на проектот, но и во врска со идејата дека богатите земји би биле подготвени да ја финансираат трансформацијата на нестабилната повоена област во високотехнолошки град.
– Ништо нема да се случи додека не се разоружи Хамас. Хамас нема да се разоружи, па затоа ништо нема да се случи – рече Стивен Кук, виш соработник во Советот за надворешни односи.
Во самиот документ, уште на втората страница, со задебелени црвени букви, јасно се наведува дека реконструкцијата на Газа зависи од тоа Хамас да ги отстрани целото оружје и тунелите.
Според нацртот, вкупната цена на проектот би била 112,1 милијарда долари, кои би биле вложени во текот на десет години, а САД би се обврзале да обезбедат околу 60 милијарди долари во грантови и гаранции за долгови. Светската банка, исто така, би имала улога во финансирањето.
Предвидено е реконструкцијата да се одвива во четири фази, почнувајќи од југ – Рафа и Кан Јунис, да се шири кон централните кампови и да заврши во градот Газа. Во првите години би се расчистувал теренот од урнатините, неексплодираните убиствени средства и од тунелите на Хамас. Тоа е обемен процес, зашто според процените, под околу 68. милиони тони урнатини има околу 10.000 тела, а земјата е загадена и полна со неексплодирани бомби. Во следната фаза би почнала изградбата на станови, болници, училишта и верски објекти, заедно со реконструкцијата на патиштата, електричната мрежа и на земјоделството. Дури во завршните фази се предвидуваат луксузни крајбрежни објекти и модерни сообраќајни крстосници. Еден од клучните проекти, „Нова Рафа“, е замислен како седиште на администрацијата на Газа и дом на повеќе од 500.000 жители, со повеќе од 100.000 станбени единици, повеќе од 200 училишта, најмалку 75 здравствени установи и околу 180 џамии и културни центри. Доколку се исполнат безбедносните услови, американските претставници тврдат дека би можеле да почнат со спроведувањето на планот за само два месеци.
Лансирањето на проектот „Санрајз“ зависи од завршувањето на долгиот и кревок мировен процес меѓу Израел и Хамас. Во моментов се спроведува само првата фаза од трифазниот план, бидејќи Хамас сè уште не го предал телото на последниот заложник, Рон Гвили. Само тогаш израелските сили би можеле да се повлечат, Хамас да го положи оружјето и да се откаже од власта во Газа, отворајќи го патот за годините обнова.












