Поранешниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, во интервју за „Еуроњуз“ остро го критикуваше премиерот на Холандија, Марк Руте, поради неговиот, како што рече, „ласкав пристап“ кон претседателот на САД, предупредувајќи дека таквата политика може да доведе до „тотален неуспех“.
„Марк Руте е разочарување и мојата доверба во него се намалува“, изјави Мишел, кој го водеше Советот пет години, до 2024 година, во утринската програма „Европа денес“. Тој додаде дека не очекува Руте да стане „американски агент“, туку да ја зајакне улогата на НАТО како обединет и силен сојуз.
„Се соочуваме со закани и заплашување. Она што се случува со Гренланд е неприфатливо“, предупреди Мишел, додавајќи дека Европската унија останува „многу лојален партнер“ на САД, но не заслужува неодамнешното „однесување“ на американскиот претседател, од обидите да му се даде легитимитет на Владимир Путин до заканите за санкции кон поранешни функционери на ЕУ.
Руте, кој го нарече американскиот претседател Доналд Трамп „татко“ на НАТО, има репутација на „шептач на Трамп“ и му даде можност на американскиот претседател да се повлече од неодамнешните закани за започнување трговска војна со европските земји околу Гренланд“, рече Мишел.
Тој ја критикува и „ласкавата дипломатија“ на Руте, која според него, нема да функционира. „Очекувам Марк Руте да биде силен глас за единството на НАТО“, рече тој.
Исто така, Мишел се осврна и на актуелните преговори за мирно решение во Украина, поддржувајќи ги иницијативите на Франција и Италија. „Лидери како Макрон и Мелони се во право што бараат директен контакт со Путин. Тука треба да бидеме ние, Европа, бидејќи во моментов не сме присутни на масата за преговори“, потенцираше тој.












