Тимот на Ферари има сезона за заборав, бидејќи ја заврши сезоната во Формула 1 без ниту една победа, далеку од конкуренцијата за титулата. Но, фокусот на тимот или барем на одредени луѓе е кон новата 2026 сезона, кога започнува една ера со нови технички прописи.

Тоа, според Шарл Леклер, можеби е последната вистинска шанса да се врати тимот на врвот. Новите технички прописи отвораат врата, но, исто така, создаваат огромен притисок.

Атмосферата во Ферари јасно го одразува разочарувањето од сезоната што започна со големи надежи, а заврши во тишина.

Шарл Леклер не ги криеше своите емоции по последната трка во Абу Даби, велејќи дека Ферари има клучна година пред себе во која мора да се врати на самиот врв.

Ферари влезе во сезоната 2025 со амбиција да се бори за титулата, особено откако тесно ја испушти титулата кај конструкторите претходната година.

Дополнителен оптимизам донесе доаѓањето на Луис Хамилтон, седумкратниот шампион, кој по долг период одлучи да го напушти Мерцедес и да започне ново поглавје.

Сепак, сезоната тргна во спротивен правец, Ферари не успеа да победи на ниту една трка, а Хамилтон ја заврши годината без ниту еден подиум, првпат во својата кариера.

Леклер верува дека може сето ова да има позитивна страна, бидејќи 2026 година ќе донесе големо „ресетирање“ на правилата. Погонските склопови и шасијата, исто така, значително се менуваат, што многу возачи и тимови го гледаат како шанса за сосема нов почеток. Сепак, Леклер нагласува дека Ферари мора да ја искористи оваа можност подобро од кој било друг.

  • Тешко е, но во исто време целиот тим е многу мотивиран за следната година. Тоа е толку голема промена, огромна можност да се покаже за што е способен Ферари. Сега или никогаш, па навистина се надевам дека ќе ја започнеме оваа нова ера на вистинскиот начин. Тоа е важно за следните четири години – истакна Леклер.

Ферари долго чека да се врати на врвот, последен пат ја освои титулата во 2008 година.

 

ИЗДВОЕНИ