И покрај статусот на национален парк, ренџерските служби и полициските акции, бесправната сеча продолжува, а граѓаните прашуваат дали поделбата на надлежностите стана изговор за загубена одговорност

Јавните реакции на граѓаните за состојбата со шумите во Западна Македонија, особено на Шар Планина, повторно го актуализираа прашањето што останува без јасен одговор со години: кој е навистина одговорен за заштитата на овој национален парк и зошто, и покрај сите институции, не запира уништувањето на шумите?
По критиките дека институционалните акции најчесто се видливи во источниот дел од државата, заменик генералниот директор на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, реагираше со појаснување дека од 30 јуни 2021 година, Шар Планина има статус на национален парк и дека како таков претставува посебен правен субјект со сопствено раководство, ренџерска и шумочуварска служба. Според него, ЈП „Македонски шуми“ нема никакви ингеренции врз ова подрачје, ниту, пак, врз другите национални паркови: Пелистер, Галичица и Маврово.
Но, токму тука започнува суштинскиот проблем. За граѓаните не е клучно која институција формално е надлежна, туку зошто, и покрај постоењето управи, инспекторати и полициски структури, дивата сеча и натаму е реалност на терен. Фактите од последните години покажуваат дека Шар Планина, иако под највисок степен на заштита, сè уште е ранлива на бесправните активности.
Во март 2024 година беа приведени две лица од тетовска Шипковица, затечени при бесправна сеча на букови дрвја стари меѓу 60 и 80 години, во зоната на активно управување кај месноста Црни Врв, во атарот на Бродец. Според официјалните податоци од Националниот парк „Шар Планина“, во радиус од околу 100 метри биле евидентирани дури 142 бесправно исечени букови стебла, со вкупна дрвна маса од над 77 кубни метри – сериозна штета за шумскиот екосистем што некогаш претставувал висококвалитетен шумски комплекс.
Само неколку месеци подоцна, во јули 2025 година, ренџерската служба на Националниот парк, во координација со шумската полиција, повторно откри и заплени поголема количина бесправно исечени букови дрва во реонот над селото Селце. Од паркот тогаш потсетија дека дури и на површините зафатени од пожари важат истите законски правила и дека секоја сеча без соодветно одобрение претставува прекршување на Законот за шуми.
Овие случаи отвораат сериозни дилеми кај граѓаните: дали институционалната фрагментација создава празен простор во кој се губи одговорноста, а криминалот се повторува? Тие прашуваат дали се доволни реакциите, иако постојат, за да имаат превентивен ефект?
Од ЈП „Македонски шуми“ уверуваат дека нивните активности не се регионално ограничени и дека се спроведуваат акции со конфискација и пријави низ целата држава – од Струмичко и Радовишко до Кумановско, Липковско, Велес и Градско. Но, истовремено признаваат дека јавноста не е секогаш навремено информирана, што дополнително ја продлабочува недовербата и создава впечаток на селективност.
– Тоа што секојдневно и отсекаде не излегуваме со информации не значи дека не работиме некаде или некогаш, напротив, постојано сме на терен со своите обврски. Завчера, иако беше недела, имаше конфискување и пријави не само во Струмичко туку и во Кумановско- липковскиот Регион. Големи акции во неделата имавме и на територијата на Општина Велес и на Општина Градско. Остануваме посветени на исполнувањето на нашите законски обврски, а во интерес на граѓаните. Не постои, барем за мене лично, педа на територијата на Република Македонија на која јас имам ингеренции, а на која би замижал пред евентуални криминогени дејства поврзани со шумарството – вели Михаилов.
Иако надлежните нагласуваат дека има добра координација меѓу ренџерските служби, шумската полиција, МВР и инспекциските органи, реалноста на терен укажува дека проблемот не е само во реакцијата туку и во системската превенција.
Граѓаните очекуваат одговор зошто во држава со богато природно наследство, но и со долгогодишни слабости во неговата заштита, вистинскиот тест за институциите нема да биде во тоа кој е надлежен на хартија, туку кој ќе ја понесе одговорноста кога ќе продолжи да се масакрира национален парк, и покрај сите закони и служби.
(С. Бл.)












