Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп за да постигне трговски договор за Европа, кој веројатно ќе вклучува основна царина од 15 проценти за повеќето стоки од ЕУ.
Трамп во петокот вечерта, по пристигнувањето на петдневната посета на Шкотска, изјави дека фон дер Лајен е „високо почитуван лидер“ и дека со нетрпение очекува да се сретне со неа на неговото голф игралиште во Тарнбери.
Тој рече дека има „50 проценти шанса“ САД и 27-члената Европска унија да постигнат рамковен трговски договор, додавајќи дека Брисел „сериозно сака да постигне договор“. ЕУ се соочува со американски царини за повеќе од 70 проценти од својот извоз, од кои 50 проценти за челик и алуминиум, 25 проценти за автомобили и автоделови и 10 проценти за повеќето други стоки од ЕУ.
Трамп изјави дека ќе ја зголеми стапката на 30 проценти на 1 август, ниво за кое претставниците на ЕУ изјавија дека ќе уништи цели делови од трансатлантската трговија, објави Ројтерс. За Трамп, договорот со ЕУ би бил најголемиот трговски договор досега, надминувајќи го договорот од 550 милијарди долари постигнат со Јапонија претходно оваа недела.
Трамп, кој се стреми да ја преобликува глобалната економија и да го намали деценискиот трговски дефицит на САД, досега успеа да постигне договори со Велика Британија, Јапонија, Индонезија и Виетнам, иако неговата администрација не успеа да го исполни своето ветување за „90 договори за 90 дена“.
САД и ЕУ се најголемите трговски партнери, кои сочинуваат една третина од светската трговија. Иако е блиску, за договор сè уште се потребни некои финални преговори. Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир и министерот за трговија Хауард Лутник, исто така, се упатуваат кон Шкотска на разговори со европскиот комесар за трговија Марош Шефчович, кој исто така патува во Шкотска, пред состанокот меѓу Трамп и фон дер Лајен.
Неименуван функционер од администрацијата на Трамп изјави дека е „претпазливо оптимист“ дека ќе се постигне договор. „Но, не е готово додека не е готово“, изјави тој за „Ројтерс“.
Во случај да нема договор и САД да воведат царини од 30% на 1 август, ЕУ подготви контрацарини за 93 милијарди евра (109 милијарди долари) американска стока. Дипломатите на ЕУ изјавија дека секој договор веројатно би вклучувал царина од 15% за стоките од ЕУ увезени во САД, слично на договорот меѓу САД и Јапонија, заедно со царина од 50% за европскиот челик и алуминиум.
Трамп им рече на новинарите дека „нема многу“ простор за маневрирање околу царините од 50% што САД ги имаат за увоз на челик и алуминиум. „Ако го направам тоа за еден, морам да го направам за сите“, додаде американскиот лидер, пренесува „Танјуг“.