Под мотото „Секое куче заслужува дом без разлика колку родендени прославило”, јавното претпријатие „Лајка“ започнува нова, емотивна и општествено важна кампања посветена на една од најзапоставените групи животни во прифатилиштата – кучињата сениори.
– Ја отвораме вратата за шансата за подобар крај на животниот пат за оние што најдолго чекале љубов, а најмалку ја добиле – потенцираат од „Лајка“.
Од претпријатието истакнуваат дека кампањата има цел: да ги приближи сениорите до потенцијалните вдомувачи; да ја разбиe стигмата дека постарите кучиња се „помалку вредни“; да ги истакне нивните благост, смирен карактер и благодарност и да испрати силна порака: „Домот не треба да биде луксуз што се заслужува само додека си млад“.
Во рамките на кампањата, секоја недела ќе бидат претставувани индивидуални приказни на највозрасните и најтрпеливите жители – кучињата што со години го чекаат својот човек во „Лајка“.
– Преку емотивни фотографии, искрени „исповеди“ од перспектива на самите кучиња и медиумска поддршка, ќе се обидеме да го скршиме молкот околу оваа невидлива група – потенцираат од ЈП „Лајка“.
Оттаму ги покануваат сите медиуми, активисти, јавни личности и граѓани со големо срце да ја поддржат оваа иницијатива.
– Време е за нова свест: љубовта не бара младост, туку добрина – децидни се од ова јавно претпријатие.