EPA/CJ GUNTHER

Челниците на последниот гренд слем турнир сезонава, САД Опен, објавија дека ќе го понудат највисокиот награден фонд во историјата на тенисот – речиси 85 милиони американски долари. Тоа е пораст од околу 20 % во споредба со минатогодишната распределба и доаѓа како одговор на иницијативата на повеќе водечки имиња во светскиот тенис, кои побараа поголема финансиска компензација.

Меѓу оние што се залагаа за оваа промена беа дел од најуспешните тенисери и тенисерки на денешницата, кои во март годинава испратија заедничко барање до организаторите на сите четири гренд слем турнири. Соочени со зголемени трошоци, сè поголема популарност на спортот и потреба за подобра распределба на средствата, организаторите на САД Опен одлучија да ја прифатат препораката и значително да ги зголемат премиите.

Најголема корист од промената ќе имаат победниците во сингл – и кај мажите и кај жените, кои ќе добијат по пет милиони долари, што претставува зголемување од 39 % во однос на претходната година. За споредба, победниците на Австралијан опен сезонава добија по 2,3 милиони, на Ролан Гарос по 3, а на Вимблдон – по 4 милиони долари. И финалистите ќе бидат значително наградени – со по 2,5 милиони долари, додека полуфиналистите ќе инкасираат по 1,26 милиони, што е зголемување од 26 %.

Двојките, исто така, ќе бидат дел од овој историски пакет, па шампионите во машките и во женските двојки ќе добијат по еден милион долари – највисока сума досега во оваа категорија. Не е заборавен ниту квалификацискиот дел од турнирот – учесниците во квалификациите ќе си поделат вкупно осум милиони долари, што е за 10 % повеќе од лани. Предвидени се специјални средства и за натпреварувачите во категоријата со инвалидски колички.

 

ИЗДВОЕНИ