Непалскиот филм „Шамбала“ во режија на Мин Бахадур Бхам ја доби наградата „Златен був“ од жирито на 15. Филозофски филмски фестивал. „Филмот вткајува длабока човечка нарација со впечатлива визуелна композиција, транспонирајќи нè во едно оддалечено подрачје, а истовремено втемелувајќи ја приказната во универзално препознатливи теми како тагата, искупувањето и внатрешниот мир“ стои во образложението на жирито
Наградата „Златен був“ на 15. Филозофски филмски фестивал ја доби „Шамбала“, во режија на Мин Бахадур Бхам, заради уметничкиот интегритет, емоционалната длабочина и кохерентната визија со што се истакнува овој непалскиот филм.
„Преку тишина, ритуал и пејзаж, Шамбала нè повикува да се соочиме со непостојаноста, одговорноста и природата на откупувањето. Филмот вткајува длабока човечка нарација со впечатлива визуелна композиција, транспонирајќи нè во едно оддалечено подрачје, а истовремено втемелувајќи ја приказната во универзално препознатливи теми како тагата, искупувањето и внатрешниот мир“ стои во образложението на жири комисијата во состав: Хасан Сердар Гергерлиоглу, соработник на списанието „Синефилософи“ од Турција; Кумјана Новакова, македонска филмска авторка и д-р Мартин Ередеро Кампо од Универзитетот Ваљадолид во Шпанија.
Плакетата „Златен був“ според гласовите на публиката, пак, отиде во рацете на канадскиот режисер Метју Ренкин и неговиот „Универзален јазик“.
За најдобар краткометражен филм, наградата „Златен був“, жирито се одлучи да ја додели на „Горчлива трпеза“ од режисерот Хорхе Тиелен Арманд. Филмот „едноставното пакетче тестенини го претвора во длабок симбол на преживување и жртва. Она што ‘Горчлива трпеза’ го прави навистина извонреден филм е неговата способност да го надмине конкретниот контекст (колапсот на Венецуела) и да проговори за глобалните кризи на миграцијата и сиромаштијата.“
Во своето обраќање по повод добиената плакета „Златен був“ од публиката, режисерката на „Барајќи рече заборавив“, Наоми Пасифик, изјави дека е благодарна на публиката што го избрала нејзиниот филм токму затоа што темите што ги одработува се базирани на теоретичарите и филозофите кои ги читала во нејзините дваесетти години.
Жирито одлучи Специјалното признание „Стефан Сидовски-Сидо“ да го додели на „Возвишени врвови“ од Диего Салгадо поради посебниот начин на кој филмот ја обработува темата на младоста – експлицитно и алегориски. Режисерот во својата изјава на благодарност порача дека „ова признание има особено значење во времиња како нашево – кога политичките и моралните превирања често оставаат малку простор за тивка рефлексија“. Добитникот на ова признание, покрај плакетата ќе добие и подарок уметничка слика од уметницата Соња Чингарова-Фотева.
Фестивалот, покрај со прогласувањето на наградените филмови вчеравечер се затвори и со проекција на Селекцијата на видеоесеи (селектор м-р Ивана Мирчевска) и „Витгенштајн“ од Дерек Џарман. Пред филмот во чест на поранешниот Заменик шеф на мисија и Аташе за култура на Кралството Шпанија во Скопје (2020-2023), Ернесто Ередеро дел Кампо (1977-2024), постхумно беше прикажано видео од неговото излагање од Втората интернационална конференција „Филозофија и филм (2023), „Витгенштајн и филмот“. Вечерта ја модерираше главниот координатор на фестивалот, Андреј Медиќ Лазаревски, кој се осврна и на иднината на фестивалот.
Инаку, овогодишното издание на Фестивалот се одржа од 22 до 28 мај, во Кинотеката на Македонија, под мотото „Провокативен. Полемичен. Поетичен“, во организација на Филозофското друштво на Македонија, и во соработка со Кинотеката и Филозофскиот факултет при УКИМ, а со поддршка на Агенцијата за филм.