Севернокорејски работници ја отворија душата: „Нè праќаат во Русија да работиме на градилишта како робови, по 18 часа дневно, а парите одат кај Ким!“

113

Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, испраќа војници да се борат за Русија. Таа информација веќе не е во сивата информативна зона, како што беше пред неколку месеци, но малку е познато дека Јужнокорејците, освен што се борат, и ја градат Русија.

Како што дознава Би-би-си,  илјадници Севернокорејци ќе бидат испратени да работат во Русија, каде што условите се слични на ропство. Ова се случува и покрај тоа што во 2019 година Обединетите нации (ОН) им забранија на земјите да ангажираат работници од Северна Кореја, во обид да го прекинат протокот на средства до Ким и да го спречат да развива нуклеарно оружје. Според јужнокорејски разузнавачки службеник, кој побарал од Би-би-си да не биде идентификуван, и покрај забраната, најмалку 10.000 нови Севернокорејци биле испратени на работа во Русија лани, а се очекува до крајот на годинава да ги има повеќе од 50.000 на руските градилишта.

Сега,  кога остана без многу мажи, бидејќи има убиени, испратени на фронтот или избегани од земјата, Русија сè повеќе се потпира на севернокорејските работници, изјавија јужнокорејски разузнавачки претставници за Би-би-си. За британскиот јавен сервис, душата ја отвориле и шестмина поранешни работници, кои успеале да избегаат од Русија. Еден од нив, именуван како Џин, вели дека откако слетал во Русија, до градилиштето цело време бил придружуван од вработен во севернокорејската безбедносна служба, кој му наредил да не зборува со никого и да не гледа ништо. Тој и другите избегани работници раскажуваат дека работеле на градилиштата по 18 часа на ден, со само два слободни дена годишно. Велат дека се буделе во шест часот и дека рацете наутро им биле вкочанети и парализирани од работата претходниот ден. Кога ќе го напуштел некој работното место за да спие или за да дремне стоејќи, надзорниците го наоѓале и го тепале. Еден работник опишува дека се чувствувале како да умираат. И условите за работа биле ужасни. Ноќе работеле без светло, со многу малку заштитна опрема. Спиеле во валкани, преполни контејнери по кои лазеле бубачки или на подот од недовршени станбени згради, каде што ги покривале отворите со најлони за барем малку да се заштитат од студот, пишува Би-би-си.

Од работењето во Русија со години наназад, десетици илјади Севернокорејци заработувале милиони долари за лидерот Ким Џонг Ун и за неговиот режим полн со финансиски проблеми.  Иако повеќето од нив заминале со надеж дека ќе избегаат од сиромаштијата, поголемиот дел од заработката одела за Северна Кореја како „такса за лојалност“, а тие добивале по 100 до 200 долари месечно, кои им ги давале дури кога ќе се врателе дома. Експертите велат дека тоа е тактика за спречување бегство. Во последниве години, бројот на бегства се преполовил, од 20-ина на 10-ина годишно. Тие што успеале да избегаат користеле половни паметни телефони, инаку забранети, кои успеале да ги купат со заштеда од дневниот џепарлак за цигари и за алкохол. Но, тоа веќе не им успева зашто севернокорејските власти, преку своите агенти на руските градилишта, сега дополнително ја ограничуваат нивната и онака ограничена слобода. Еден од начините на кои режимот се обидел да ја заостри контролата минатата година бил со воведување дополнителна идеолошка обука и часови по самокритика. Исто така, групните излегувања еднаш месечно сега се сведени на нула.

ИЗДВОЕНИ