Тропските горештини ќе се задржат и во текот на претсојниот викенд. Од УХМР велат дека температурите кои наместа ќе достигнат и 43 степени Целзиусови, ќе мора да се преживеат до недела, а во деновите потоа температурата ќе биде во опаѓање и ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до повремено засилен северен ветер.
-Од недела следува променливо време со пад на температурите и зголемени услови за локална нестабилност, пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го смени правецот и ќе дува умерен до повремено засилен северен ветер кој ќе донесе освежување по пеколните денови, велат од УХМР.
Највисоки температури се очекуваат во Гевгелија и во Скопје, каде жештината ќе го достигне својот врв. Во главниот град времето ќе биде сончево и многу топло, со слаб до умерен северозападен ветер. Утринските температури во Скопје ќе изнесуваат околу 21 степен, а дневната максимална ќе се искачи до 43°C.
Во петок минималните утрински температури ќе се движат од 14°C во Берово до 23°C во Гевгелија, додека максималните дневни ќе варираат од 35°C во Маврово до 43°C во Гевгелија и во Скопје. Во сабота, времето останува сончево и пеколно, со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер од јужен правец. Температурите и понатаму ќе се движат меѓу 36°C и 43°C.
Министерството за здравство апелира населението да се придржува до постоечките препораки за самозаштита: престојување во разладени простории, особено од 11 до 17 часот, внесување доволно течности, избегнување алкохол и засладени пијалоци, носење лесна и светла облека, користење заштита за глава и очи и избегнување физичка активност во најтоплите часови.
ИЈЗ повика на почитување на мерките за заштита на здравјето на општата популација и на ранливите категории (градежни работници, земјоделци, сообраќајна полиција, работници за испорака и други лица кои работат во надворешни услови) при високи температури. Укажа да се земе предвид можноста за потенцијално работење онлајн, за флексибилно работно време, двократно работење, надополнување на изгубеното работно време и други модалитети. Воедно апелира да се избегнува работа на отворено од 11 до 17 часот и да се прават почести паузи со постојана достапност на течности и електролити.
-За вработените се препорачува врамнотежена исхрана, внесување минимум два литра вода дневно, избегнување алкохол и кофеин, внесување електролити при засилено потење, редовен одмор, доволно спиење, туширање и едукација за прилагодување на високи температури, носење лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капи и користење крем со УВ фактор 30+ при работа на отворено, нагласи ИЈЗ.
Препораките за работодавачите се: проверка и одржување вентилација, климатизација, редовно мерење на амбиентната температура и поставување на работните станици што е можно подалеку од сончева светлина и извори на топлина, обезбедување минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште“ (каде вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата), ротација на работните задачи и преместување на работниците во постудени простории секогаш кога е можно, обезбедување поголем број работници по потреба, почести паузи во текот на работата, намалување на интензитетот на работата и нормите во производството, избегнување прекувремената работа, прекин на работата при потреба и внимателност со ранливите групи вработени (постари работници, хронични болни, лица со зголемена телесна тежина, бремени жени).
ИЈЗ предупреди и на препознавање симптоми на топлотен удар: вртоглавица, замор, вознемиреност и повраќање.
-Не смее да се дозволи на вработен со симптоми на топлинска болест да замине од работното место додека не се стабилизира, односно не добие соодветен третман. За прва помош при симптоми на топлотен удар треба веднаш да се повика 194 или 112, лицето треба да се префрли во разладена просторија, да се легне хоризонтално со подигнати нозе, да се лади со ладни облози и да се прска со вода. Не треба да се дава терапија додека не пристигне лекарска помош. Ако е во бессознание, треба да се постави во странична положба, потенцира ИЈЗ.
Во однос на исхраната се препорачуваат „лесни“ и квалитетни оброци, со помалку месо и протеини.