Сеул го гради првиот цивилен бункер отпорен на нуклеарно оружје

16

Властите во Сеул планираат да го изградат првиот цивилен бункер под комплекс за јавни станови во јужнокорејската престолнина до 2028 година, способен да издржи нуклеарен напад, за да се заштитат од заканите од Северна Кореја, објави денес Ројтерс, повикувајќи се на функционер на градската влада.

Според официјалните лица, Метрополитенската влада и Корпорацијата за домување и заедница во Сеул планираат засолниште за 999 домаќинства, дизајнирано да издржи нуклеарни, биолошки или хемиски напади.

Бункерот во подрумот на станбениот комплекс ќе се простира на 2.147 квадратни метри, ќе може да смести до 1.020 луѓе истовремено и ќе биде опремен за 14-дневен опстанок.

Весникот „Сеул Шинмун“, кој прв го објави планот, објави дека тоа е прв ваков потег од страна на локална самоуправа во услови на зголемена нуклеарна закана од соседна Северна Кореја.

На масовна воена парада во петокот, Северна Кореја ги претстави своите најнови балистички ракети способни да испорачаат нуклеарни боеви глави до цели во Јужна Кореја или дури и во САД.

Јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг изјави дека најреалниот начин за намалување на ризикот од Северот е да се замрзне производството на нуклеарни бомби и ракети, но Пјонгјанг досега ги отфрли дипломатските понуди.

Јужна Кореја има речиси 19.000 нуклеарни засолништа низ целата земја, повеќе од 3.200 во Сеул, но огромното мнозинство не се изградени за заштита од нуклеарни, хемиски или биолошки напади, потсетува Ројтерс.

Тие се наоѓаат претежно на станици на метрото или подруми и паркинг гаражи во приватни резиденции и канцелариски згради означени како засолништа, со согласност на сопствениците.

ИЗДВОЕНИ