„Сето ова е наше“, вака бугарските водичи им ја презентираат македонската историја на своите туристи

Странските туристички водичи ја презентираат македонската историја кому како му одговара и вршат дејност во друга држава, што е забрането со закон. Од Здружението на туристички водичи бараат измени на Законот за туристичка дејност со кои би се зголемиле овластувањата на туристичките инспектори, кои ќе можат да казнуваат на самото место. – Во Италија и во другите европски држави, не е дозволено ова, бидејќи туристички водич однадвор нема право да работи таму. На тој начин, си ги зачувуваат историјата, националното и културното богатство. Кај нас, не знаеме како ја претставуваат водичите од Турција, Бугарија... нашата историја. Така, на пример, Бугарите велат: „Това сичко е наше“, а Турците си носат свои водичи за да не плаќаат такса – изјави за весникот ВЕЧЕР Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи

8197

Во Скопје секојдневно може да се видат тури со странски туристи, кои шетаат низ градот со туристички водич што зборува на нивниот јазик. Странските туристички водичи ја прикажуваат македонската историја кому како му одговара и вршат дејност во друга држава, што е забрането со закон. Од Здружението на туристички водичи велат дека водичите од Бугарија, Турција и од другите земји од регионот ја искривуваат историјата на Македонија. Оттаму додаваат дека друг проблем е што нелиценцирани странски водичи им ја земаат работата на домашните. Поради тоа, бараат измени на Законот за туристичка дејност со кои би се зголемиле овластувањата на туристичките инспектори, кои ќе можат да казнуваат на самото место.

– Странските туристички водичи немаат право да вршат дејност во нашата држава, тоа е спротивно на Законот. Од друга страна, овие туристички водичи не ја знаат добро историјата на државата и ја искривуваат. Освен тоа, вршат лошо презентирање на капацитетите и на можностите за туризам на државата. Најдобра реклама за државата е задоволен турист. Но, како ќе раскаже еден странски турист за Македонија кога ќе се врати во својата држава, кога ја нема вистинската слика, бидејќи нема професионален водич? – изјави за весникот ВЕЧЕР Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи.

Европските земји не дозволуваат да им се случува вакво нешто на нивните тури, но турите од регионот најчесто се со сопствен водич и ги користат празнините во нашиот Закон за туристичка дејност, кој не дозволува туристичките инспектори да казнуваат на самото место.

– Во Италија и во другите европски држави, не е дозволено ова, бидејќи туристички водич однадвор нема право да работи таму. На тој начин, си ги зачувуваат историјата, националното и културното богатство. Во Италија, за секој град има посебен водич, бидејќи секој град има посебна култура, традиција… Кај нас, не знаеме како ја претставуваат водичите од Турција, Бугарија… нашата историја. Така, на пример, Бугарите велат: „Това сичко е наше“, а Турците си носат свои водичи за да не плаќаат такса – вели Босилков.

Тој додава дека со тоа што не се вработуваат локални туристички водичи, губиме сите. Губат туристичките водичи што не се вработуваат и не остваруваат приход, губи државата, а губи и македонскиот народ, бидејќи секој му ја толкува историјата како што сака. Поради тоа, потребни се измени на Законот за туристичка дејност со кои би ѝ се застанало на патот на оваа појава, односно ќе се зголемат овластувањата на туристичките инспектори.

– Нашите туристички водичи најмногу се концентрирани во двата најпосетувани региона, односно Скопскиот и Југозападниот, додека во одредени градови воопшто ги нема, што создава дополнителен проблем со соодветното интерпретирање и презентирање на локалните туристички атракции. Сепак, според мене, поголем проблем, кој се провлекува долги години, е нерегулираниот туристички пазар во делот на туристичките водичи и придружници. Потребно е подобрувањето на Законот за туристичка дејност, каде што прецизно и јасно ќе се одреди кој, каде и што треба да зборува, а тоа секогаш треба да го прават македонските туристички водичи, а не како досега, некој однадвор со своја приказна и со искривен факти за македонската историја. Законот треба да се спроведува од институциите, а на терен е потребно да го контролираат туристичките инспектори, кои може да се избројат на една рака во Македонија – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Јаневски, туристички експерт и универзитетски професор.

Според него, проблемот е подлабок отколку што може да се претпостави, а главната улога треба да ја има Министерството за култура и туризам, кое треба да стави ред во македонскиот туристички сектор.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ