Американскиот претседател Доналд Трамп испрати три разорувачи вооружени со ракети на Блискиот Исток. „Њујорк тајмс“ ги цитира претставниците на Пентагон кои велат дека барем една подморница за лансирање ракети е во регионот.
Трамп претходно им порача на Иранците да „продолжат да протестираат“, додавајќи дека „помошта е на пат“.
Американските претставници тврдат дека американскиот претседател Доналд Трамп веројатно ќе започне напад врз Иран во следните 24 часа.
Американската воена интервенција во Иран сега изгледа сè поверојатна и би можела да следи веќе во следните 24 часа, наведуваат европски претставници цитирани од Ројтерс.
Според европски функционер, можноста за воена акција на САД „значително се зголемила“ и временската рамка се мери во часови, а не во денови. Друг европски функционер, исто така, рече дека американската воена интервенција сега „изгледа веројатна“.
Инаку Трамп постојано се закануваше дека ќе интервенира во поддршка на демонстрантите во Иран, каде што, според извештаите, илјадници луѓе се убиени во задушувањето на протестите против теократското владеење.
И Иран и неговите западни непријатели ги опишаа немирите, кои започнаа пред две недели како демонстрации против тешките економски услови и брзо ескалираа во последните денови, како најнасилни од Исламската револуција во 1979 година, со која беше воспоставен иранскиот систем на теократско владеење.












