Серија сомнителни смртни случаи на луѓе на високи позиции во Русија

21

Русија ја тресе нов бран мистериозни смртни случаи на луѓе на високи позиции. За само една недела починаа тројца истакнати функционери и бизнисмени, а околностите на многу од случаите поттикнуваат сомнежи.

Виталиј Капустин (43), директор на градежна компанија и пратеник на Единствена Русија, беше пронајден обесен на дрво, со цврсто врзани раце. Очевидците кои го забележале телото од автопатот се сомневаат во верзијата на приказната дека си го одзел животот. Покрената е официјална истрага.

Еден ден претходно, Александар Федотов (49), поранешен шеф на транспортот на Санкт Петербург, беше пронајден мртов во Москва. Неговото тело беше пронајдено пред луксузниот хотел „Скајпоинт Лукс“ во близина на аеродромот Шереметјево, каде што престојувал на службено патување. Не е пронајдена проштална порака, а истрагата е во тек.

Федотов беше поврзан со поранешниот министер за транспорт Роман Старовоит (53), кој почина истиот ден кога Путин го разреши во јули. Според извештаите, двајцата мажи припаѓале на истиот политички круг, пишува The Sun.

Само еден ден пред смртта на Федотов, телото на мултимилионерот и поранешен шеф на царината Борис Авакијан (43) беше пронајдено во тоалетот на ерменскиот конзулат во Санкт Петербург, со пресечени вени. Авакијан беше во брак со поранешната Мис 2014, Јулија Јонина, а адвокатите блиски до семејството оспоруваат дека станува збор за самоубиство.

Минатата недела, Александар Тјунин (50), извршен директор на воена хемиска компанија, исто така беше пронајден мртов.

Серијата смртни случаи потсети на низа сомнителни случаи за време и пред инвазијата на Украина, кога бројни руски раководители и политичари починаа под нејасни околности. Некои набљудувачи се убедени дека наводните „самоубиства“ се скриени зад нарачани убиства поврзани со деловни и политички пресметки.

ИЗДВОЕНИ