На средбата меѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и в.д. амбасадорката на САД, Никол Варнс се разговараше за економските текови и реформите во финансискиот сектор, со акцент на одржувањето на макроекономската и финансиската стабилност како предуслов за инвестиции и економски раст. Во фокусот беа и модернизацијата на платните системи, пристапувањето кон СЕПА и воспоставувањето на системот за инстант плаќања ТИПС, како значајни чекори за унапредување на инвестициската клима и евроинтеграцијата на земјата.

На средбата беше нагласено дека Народната банка континуирано го унапредува својот институционален капацитет преку спроведување бројни развојни проекти, со посебен фокус на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија овозможуваат поголема сигурност и побрз проток на финансиските средства, што директно придонесува за олеснување на деловното работење и за подобрување на инвестициската клима.

Гувернерот Славески истакна дека одржувањето на макроекономската и финансиската стабилност останува врвен приоритет на Народната банка. Според него, стабилниот и предвидлив економски амбиент е клучен предуслов за поттикнување на домашните и странските инвестиции и за обезбедување одржлив економски раст.

Во разговорот посебен осврт беше даден на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценето како историски чекор за македонската економија. Со приклучувањето кон СЕПА, на граѓаните и компаниите им се овозможуваат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, уште пред полноправното членство на земјата во Европската Унија.

Славески информираше и за воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, со што официјално започнува примената на современ систем за инстант плаќања. Овој систем овозможува извршување на трансакции во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од плаќањата ќе се обработуваат за неколку секунди. Со тоа се прави значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор.

– Новите платни решенија ќе овозможат едноставно иницирање на плаќања, побрзи и посигурни трансакции за граѓаните и компаниите, како и поефикасно работење на трговците, што дополнително ќе ја зајакне конкурентноста на економијата – ин формираа од Народната банка.

ИЗДВОЕНИ