четврток, февруари 26, 2026
Дома СВЕТ Сенката на шахот над Иран – Реза Пахлави меѓу протестите, надежта и...

Сенката на шахот над Иран – Реза Пахлави меѓу протестите, надежта и поделбите

Додека економската криза ги турка граѓаните на улица, синот на последниот ирански шах се обидува да се наметне како преодна фигура во можната иднина на Иран – симбол на надеж за едни, но извор на поделби за други.

259
EPA/SALVATORE DI NOLFI
Од егзил до симбол на бунт, престолонаследникот повторно ја предизвикува власта во Техеран

Во време кога иранските лидери се соочуваат со сериозен предизвик за нивниот авторитет поради антивладините протести, протераниот престолонаследник на земјата се обидува да се позиционира како клучна фигура во иднината на својата татковина.

Меѓу најистакнатите заговорници на континуираните протести и антивладините акции е Реза Пахлави, синот на поранешниот шах на Иран, кој објави порака за поддршка на демонстрантите, помагајќи она што започна како незадоволство од нестабилната економија на Исламската Република да се претвори во легитимна закана за теократијата на земјата.

„Да живее Шахот“, се слушаа скандирања за време на иранските протести, предизвикувајќи дебата за влијанието на протераниот престолонаследник во егзил во Соединетите Американски Држави, иако степенот на неговата поддршка во Иран е нејасен.

Како најстар син на шахот Мохамед Реза Пахлави, тој беше прв во редот за наследување на илјадагодишната империја богата со нафта. Тој имал 19 години кога е прекинато 40-годишното владеење на неговиот татко, кој бил толку омразен што милиони луѓе излегле на улиците во 1979 година и го принудиле да се повлече од власт. Сега, на 65 години, и речиси половина век откако го изгубил правото стекнато со раѓањето, на неговото чекање можеби му дојде крајот, пишува Си-Ен-Ен.

„Ова е последната битка, Пахлави ќе се врати“, беше повикот што се прошири на протестите низ целата земја откако протераниот престолонаследник ги повика своите сонародници да излезат на улиците.

Некои демонстранти го гледаат Пахлави како преоден лидер, но многумина се претпазливи со оглед на историјата на Иран.

Роден на 31 октомври 1960 година, тој пораснал во позлатен свет на луксуз како наследник на неговиот татко, шахот Мохамед Реза Пахлави.

Мохамед Реза го наследи престолот од својот татко, воен офицер кој ја презеде власта со британска поддршка. Таткото на Пахлави ја консолидираше власта во државен удар поддржан од ЦИА во 1953 година и продолжи тесно да соработува со САД. Младиот Пахлави се школувал во училиштето „Реза Пахлави“, кое се наоѓало во ѕидовите на палатата Ниаваран во северен Техеран.

Престолонаследникот во една прилика свирел рок музика во палатата за време на посетата на тогашниот американски претседател Џими Картер на Техеран, откри биографот на неговиот татко.

Една година откако престолонаследникот Реза го напушти Иран во 1978 година и замина во школата за летање во американска воздухопловна база во Тексас, неговиот татко избега од земјата на почетокот на Исламската револуција, во која шиитските свештеници воспоставија теократска влада во Иран.

По смртта на неговиот татко, протераниот кралски двор објави дека Пахлави ја презел улогата на шах на 31 октомври 1980 година на неговиот 20-ти роденден.

Пахлави се обидел да стекне влијание во Иран за време на неговите речиси пет децении во егзил, живеејќи претежно во САД, во Лос Анџелес и Вашингтон. Неговата мајка, Шахбану Фарах Пахлави, живеела во Париз.

„Вашингтон пост“ објави во 1986 година дека ЦИА им обезбедила на сојузниците на принцот „минијатурен телевизиски предавател за 11-минутно тајно емитување“ од Пахлави, кој го пиратирал сигналот на две станици во Иранската Република. За време на емитувањето, тој наводно рекол: „Ќе се вратам и заедно ќе го отвориме патот за среќата и просперитетот на нацијата преку слободата“.

Во последниве години, Пахлави ја предлага идејата за Иран како уставна монархија, веројатно со избран владетел, а не со наследен, но инсистирал дека конечната одлука за ова ќе ја донесе иранскиот народ.

„Реза Пахлави несомнено го зголеми своето влијание и стана лидер на иранската опозициска политика“, рече Араш Азизи, академик и автор на „Што сакаат Иранците?“. „Но, со него доаѓаат многу проблеми. Тој е фигура на поделба, а не на единство“, додаде тој.

Со децении, Исламската Република ја неутрализираше домашната опозиција, затворајќи ги критичарите, вклучително и поранешните претседатели. Врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, највисокиот орган во Иран, ги ограничува овластувањата на избраните функционери и го гледа својот мандат како чувар на режимот, потиснувајќи ги предизвиците за неговото владеење.

Пахлави првпат се појави во преден план во 2020 година откако Иран случајно собори комерцијален авион што леташе од Техеран до Украина. Инцидентот ја разгоре надворешната опозиција, поттикнувајќи ги да се обединат во совет чиј истакнат член беше Пахлави. Несогласувањата меѓу шарените дисиденти во Иран доведоа до рано распуштање на советот. Но, Пахлави останува најистакнатата фигура во опозицијата.

Пахлави рече дека е подготвен да го води Иран во транзицијата ако демонстрантите успеат да го соборат режимот на овие демонстрации, петти антирежимски протести за речиси една деценија. Но, тој не откри детали за своите планови, а критичарите велат дека неговото неискуство би можело да се врати како бумеранг.

Протестите во Иран започнаа минатиот месец како одговор на зголемените трошоци за живот и продлабочувањето на економската криза, откако вредноста на локалната валута, ријалот, падна поради санкциите на САД. Протестите фокусирани на економијата се проширија низ целата земја, но брзо се претворија во протести против владата, која одговори со сила и исклучување на интернетот.

– Иран е подготвен да преговара со Соединетите Американски Држави врз основа на „заемно почитување и интерес“, изјави вчера иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи. Неговата изјава доаѓа откако претседателот на САД, Доналд Трамп на самиот почеток на протестите пред две недели се закани дека САД би можеле да го нападнат Иран ако безбедносните сили пукаат кон демонстрантите. Во протестите кои започнаа на 28 декември загинале над 500 луѓе и 48 припадници на безбедносните сили, а уапсени се над 10.000 демонстранти.

ИЗДВОЕНИ