Американскиот Сенат даде зелено светло за резолуција што би ја ограничила можноста на претседателот Доналд Трамп да преземе воена акција против Венецуела без одобрение од Конгресот.
Сенатот на САД вчера усвои процедурална мерка со 52 гласови „за“ и 47 „против“ за да ја унапреди резолуцијата за воено овластување во следната фаза од законодавниот процес. Резолуцијата има за цел да го спречи претседателот Доналд Трамп да преземе понатамошни воени акции против Венецуела без одобрение од Конгресот.
Покрај сите демократи, за мерката гласаа и некои републикански сенатори. Трамп претходно изјави во интервју за „Њујорк тајмс“ дека САД би можеле да ја следат Венецуела со години и да ги контролираат приходите од продажбата на нафта.
За резолуцијата да стане закон, таа мора да биде усвоена и во Претставничкиот дом, каде што републиканците исто така имаат мнозинство. Дури и ако помине во двата дома на Конгресот, ќе биде потребно двотретинско мнозинство за да се поништи потенцијалното претседателско вето, со кое се закани Трамп.
Сепак, овој потег претставува редок знак на отпор во рамките на Републиканската партија кон Трамп. Американскиот претседател ги критикуваше на социјалните мрежи републиканските сенатори кои ја поддржаа резолуцијата, велејќи дека „треба да се срамат“ од себе што се обидуваат да ги ослабат одбранбените моќи на земјата.
Во меѓувреме, претседателот на венецуелскиот парламент, Хорхе Родригез, објави дека значителен број странски и венецуелски затвореници ќе бидат ослободени во текот на денот. Тој рече дека овој потег е мировен гест за кој не е договорен со ниедна друга страна.
Според организацијата за човекови права „Форо Пенал“, во моментов во Венецуела има 863 политички затвореници, вклучувајќи политичари, активисти, новинари и демонстранти уапсени по спорните избори во 2024 година.












