Сенаторот Сандерс остро против Израел: Овој ужас го плаќаат американските даночни обврзници,

75

Сенаторот Берни Сандерс на платформата X остро ги критикуваше израелските воени акции во Појасот Газа, наведувајќи дека Израел систематски ги изгладнува палестинските деца и ја уништува Газа со бомби и булдожери.

„Голем дел од овој ужас го плаќаат американските даночни обврзници“, напиша Сандерс. Во својата објава, тој го повика американскиот претседател Доналд Трамп и Конгресот да се спротивстават на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и лобито на AIPAC и побара крај на етничкото чистење и американската воена помош за Израел.

AIPAC (Американско-израелски комитет за јавни работи) е американско лоби кое промовира блиски односи меѓу Соединетите Американски Држави и Израел. Организацијата работи во форма на застапување на политики, лобирање кај американскиот Конгрес и едуцирање на јавноста за прашања од односите меѓу САД и Израел, и има значително влијание врз надворешната политика на САД во врска со Блискиот Исток.

Изјавата на Сандерс доаѓа во време кога хуманитарната ситуација во Газа станува сè поалармантна. Во израелските брутални напади погодени се станбени згради, болници и училишта, а илјадници цивили беа повредени или принудени да ги напуштат своите домови.

Од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, конфликтот меѓу Израел и Палестина се води интензивно. Конфликтот резултира со голем број цивилни жртви, уништување на инфраструктурата и масовно раселување на населението. Израел се соочува со обвинувања од разни меѓународни организации за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право, вклучително и наводи за злосторства против човештвото и геноцид, додека хуманитарните организации апелираат за итна помош на засегнатото население.

ИЗДВОЕНИ