Семејството на убиениот 48-годишен Алеш Шутар од Ново Место одлучи да ги донира неговите органи, јавуваат словенечките медиуми. Семејството нагласи дека тоа би била негова желба.
Шутар почина кон средината на октомври откако беше удрен во главата пред ноќниот клуб „ЛокалПатриот“. Инцидентот се случил додека Шутар се обидувал да го заштити својот син, кој претходно бил цел на напад од група млади мажи. Напаѓачот го удрил во главата, а лекарите не можеле да го спасат од последиците од ударот, вклучувајќи тешки повреди на главата, внатрешно крварење и фрактура на цервикален пршлен.
21-годишниот Сабријан Јурковиќ е осомничен за убиството. Истражен судија во Ново Место му одреди притвор. Осомничениот не се изјасни за виновен и се соочува со казна од пет до 15 години затвор. Според судските записи, Јурковиќ бил регистриран како малолетник за имотни кривични дела и насилни злосторства, вклучително и сексуална злоупотреба на малолетно лице.
Трагичниот настан го натера политичкото раководство на Словенија да реагира на барање на премиерот Роберт Голоб. Двајца министри поднесоа оставки, а владата почна да подготвува нови, радикални мерки за зголемување на безбедноста.
Дополнителни полициски сили и специјални единици се распоредени во Полициската управа Ново Место, додека началникот на полицијата, Дамјан Петрич, нареди стручен надзор врз работата на локалната полициска управа. Голоб истакна дека мерки како што е задолжителното посетување градинки и училишта веќе се во сила од 1 септември, но дека тие не го спречуваат насилството надвор од образовните институции. Новиот пакет мерки, рече тој, ќе донесе поинаков пристап кон борбата против насилното однесување на возрасните.












