Во полна сала пратеници, претставници од државниот врв, претставници од невладиниот сектор и дел од родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, почна Анкетната комисија за човекови права. Премиерот, Христијан Мицкоски, го откажа присуството на настанот на кој требаше да оди, и заедно со претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, дојдоа на комисијата која се одржува по претставка на семејствата преку нивното здружение „16 март“.

Седницата почна со воведното обраќање на мајката Марија Петрушова. Таа во име на здружението „16 март“ побара вистинска правда за загинатите, „важна за сите деца во Македонија“. За трагедијата, Петрушова кажа дека е како резултат на системски пропуст и корупција, по што побара случајот да се разгледува како прекршување на основните човекови права, особено правото на животот. Во името на сите семејства кои загубија дете, брат, сестра, во траурната несреќа во Кочани, Петрушева рече дека е симптоматично што се опфатени само поранешни функционери, а не и функционери кои сега и во времето на трагедијата ја извршувале конкретната функција. Смета дека со истрагата се опфатени само службеници од пониско ниво. „Државата драматично потфрли во борбата со корупцијата, големите остануваат над законот“, рече таа.
Прва за збор од членовите на Анкетната комисија се јави пратеничката Иванка Василевска, која побара пауза и ги повика семејствата кај неа во кабинетот за да им ги пушти изјавите на претседателот Димитар Апасиев во Собранието, каде што тој вели дека обвинението е климаво и ќе падне на суд.
„Преку оваа комисија, Апасиев сака да ве однесе во стапица, според членот 10 од Законот за поднесоци, ако има судска постапка за некој случај, комисија се забранува“, рече Василевска обраќајќи им се на родителите дека сака да ги заштити и да ги предупреди од Димитар Апасиев, кој однапред тврдел дека обвинението ќе падне, а нивната болка бара непристрасност. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, во својот емотивен настап во салата каде што се одржуваше собраниската комисија, побара изземање на Апасиев, со цел правдата да не биде водена од оние што претходно зазеле страна и биле неспособни да гарантираат непристрасност.
„Нема да дозволиме да бидете злоупотребени, сакам да ви порачам дека и ние, како и вие, сакаме да ја дознаеме вистината за трагедијата, но да ве предупредам дека, за она за кое сме собрани, нема да биде постигната посакуваната цел. Треба да знаете дека сè што ќе биде кажано тука, нема правен основ, единствено за што може да послужи е да се изземат оние што имале функционална инволвираност, рече пратеничката Василевска. Го прочита и писмото на ЈО Љупчо Коцевски, што го испратил до Собранието како одговор на барањето од спикерот Гаши за двете паралелни комисии за Кочани, а во кое тој нагласил дека на овие комисии постои опасност од компромитирање на доказите бидејќи родителите се сведоци во кривичната постапка која се води пред судот.
„Ова е во доменот на кривичната, а не на политичката одговорност, во овој момент не е целисходно да се водат две постапки и да се даваат докази кои се дел од кривичниот предмет“, напишал Коцевски во својот став за комсииите за пожарот во „Пулс“.

Апасиев во реплика на говорот на Василевска рече дека писмото од Коцевски било за надзорните, но не и за Анкетната комисија која имал право да ја закаже на барање на семејствата.
–Вашата глума не ја продавајте тука, во Собранието, како теорија. Писмото не е за мојата комисија, за вашата е, и не ја доведувајте јавноста во заблуда. Гласот на мајките не може да биде замолчен ниту од парламентот, возврати Апасиев и рече дека наодите од оваа Анкетна комисија се основа за постапка за политичка одговорност. „Да немаме министер кој на судење оди со службено возило“, кажа Апасиев алудирајќи на министерот без ресор Шабан Салиу кој е обвент за трагедијата поради децениското институционално заобиколување на законите и правилата.
За време на паузата, родителите не ја прифатија понудата на пратеничката да поразговараат за изјавите на Апасиев во врска со обвинението за „Пулс“.
По паузата од половина час, на говорницата излезе преставникот на фондацијата „Сапорт Кочани“, Иван Ивановски, кој ги предупреди пратениците дека ако ова за нив е само уште една политичка активност, да не учествуваат во неа. „Како не ви е срам, уште не започнала расправата вие (покажувајќи кон пратениците) барате пауза. Родителите 9 месеци немаат спиено, ние, волонтерите, немаме пауза 9 месеци, вие се изморивте. Оваа расправа е да не се изманипулира јавноста, не е политичка, прашањето е за животот во Кочани. Амбасадорите кои доаѓаат ни велат дека во една паралелка во градот, од 20 деца, 18 сакаат да се иселат, за тоа треба да разговараме, кажа Ивановски
Мајката на загинатата Моника Спасова, која е една од најгласните на секој „Марш за ангелите“ во Кочани, му се обрати лично на премиерот Мицкоски, од кој сè уште го чека одговорот на нејзиното барање – кој потпишал полициска контрола ноќта на 15 наспроти 16 март во дискотеката „Пулс“ и зошто рацијата не почнала по предвиденото – на полноќ неколку часа пред пожарот.

– Да се почнало тогаш со рацијата, немаше да има жртви. Да сте на мое место, премиере, да е за ваше дете, како ќе реагирате? И друга да е власта, барам одговорност од сите кои биле и се на функција, трагедијата не е од пред 10-20 години, од пред 9 месеци е. Загубивме цела генерација и бараме и колективна и морална одговорност, Моника студираше безбедност и сакаше сите да бидеме безбедни, ѝ го должам тоа, мајката му се обрати на премиерот, кој седеше во првиот ред од салата на Собранието.
На комисијата се обрати и претставник од движењето „Кој е следен“, кој побара за секоја несреќа да се зборува поединечно. „Сите што биле на функција, да дојдат и да образложат што работеле за да ги заштитат граѓаните, кажаа од движењето кое застана зад здружението на родителите од Кочани. (П.А.)
фото П.Стојановски
Мицкоски: Сите зборуваа за правда, а правда на Анкетна комисија не може
Премиерот Христијан Мицкоски од пред Собранието на заминување од Анкетната комисија за случајот Кочани, изјави дека не се обратил од говорницата бидејќи целта на неговото доаѓање била да слуша. „Моето чувство беше дека сите зборуваа за правда, а правда на Анкетна комисија не може, туку преку судски процес. Не може доказите да се изнесат на собраниска комисија. Зошто некој континуирано прави политички егзибиции, не знам. Жалам што се случува ова, ние како Влада, ќе бидеме присутни онаму каде што треба“, изјави Мицкоски, кој прашан за комисиите за другите несреќи од минатото, рече дека тие веќе имаат судски процеси и доказите биле изнесени на суд. „За Ласкарци, ’Беса транс’ и Модуларната болница, судскиот процес во прв степен е завршен и сите детали се познати и може да се дискутира за прашањата – дали правдата е вистински донесена, дали се одмерени казните, дали од секој инволвиран е побарана одговорност, изјави премиерот.













