Форумот на семејствата на заложниците, кој ги претставува многуте роднини на оние што се држат во Газа, испрати писмо до Трамп пред неговата средба со Нетанјаху, барајќи од него да не дозволи никому да го саботира договорот што го предлага за завршување на војната.
„Влоговите се превисоки и нашите семејства чекаа предолго за нешто што ќе го попречи овој напредок“, напишаа тие, пренесе „Хина“.
Милитантите предводени од „Хамас“ ја започнаа војната пред речиси две години, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи 251 заложник во нападите врз Израел, според израелски бројки. Според здравствените власти во Газа, оттогаш во израелските напади се убиени повеќе од 66.000 Палестинци.
По речиси две години неуспешна дипломатија, Вашингтон минатата недела им претстави план од 21 точка на арапските и муслиманските држави, кој повикува на траен прекин на огнот и ослободување на преостанатите заложници.
Трамп рече дека верува оти е блиску до договор. „Имаме вистинска можност за НЕШТО ГОЛЕМО НА БЛИСКИОТ ИСТОК. СЕКОЈ Е ЗА НЕШТО СПЕЦИЈАЛНО, ЗА ПРВ ПАТ. ЌЕ УСПЕЕМЕ!!!“, напиша тој вчера на социјалните мрежи.
Дипломатите тврдат дека арапските држави го поддржале планот на Трамп
Двајца странски дипломати на Блискиот Исток изјавија дека планот на Трамп од 21 точка не е детален план, туку збир на широки цели.
Друг извор запознаен со разговорите изјави дека израелските претставници изразиле загриженост до Вашингтон за прашања, вклучувајќи го предложеното вклучување на палестинските безбедносни сили во Газа по војната, протерувањето на претставниците на Хамас од енклавата и целокупната безбедносна одговорност.
Арапските држави во голема мера го поддржаа планот и сега чекаат да видат дали ќе има значајни промени по средбата на Трамп со Нетанјаху, велат дипломатите.