Борбата со инфлацијата и високите цени ќе продолжи и во 2026 година. Освен грижата за тоа како да го наполнат фрижидерот, граѓаните ќе се соочат со уште ден проблем – како да ги платат зголемените сметки за струја. Празниците поминаа, подароците се дадоа, трпезите се испразнија, но на крајот, паричниците останаа празни. Граѓаните коментираат дека декемвриските плати се веќе потрошени, па и тие се во дилема како да се помине месецот, кој со право е наречен најдолгиот месец во годината. Според нив, семејниот буџет одамна е во црвено и по празничната еуфорија треба да се направи детоксикација од храна, но и од непотребни трошења.
И додека Владата се обидува да најде некаков модел како да ја задржи куповната моќ, која одамна е намалена, граѓаните велат дека куповната моќ не се губи одеднаш, туку полека, секоја недела по малку.
Економските експерти предупредуваат дека реалната куповна моќ не се мери со номиналната вредност на платата, туку со тоа што навистина може да се купи со платата.
– Порастот на цените одамна го надмина порастот на платите, особено кај оние што се на минималец или имаат фиксни примања. Најтешко се погодени семејствата кои се со една плата и кои секој месец го чувствуваат истото стегање и истиот удар врз паричникот, коментираат експертите.
Компаниите што нудат брзи кредити веднаш излегоа со понуди и одобруваат кредити со грејс-период од 45 дена до првата рата. Доколку го вратиш во грејс-периодот, тогаш кредитот е без камата и трошоци, враќаш онолку колку што си зел. Ако не можеш да го вратиш без камата, го исплаќаш на стандардни месечни рати.
Според финансиските експерти, пак, ако платата ви е потрошена и ако немате доволно пари да ги платите сметките за тековниот месец, побезболно е да направите таканаречена финансиска гимнастика, односно да ги платите наредниот месец. За утеха е тоа што по долгиот јануари следува краткиот февруари од само 28 дена, па ќе можете да ги покриете финансиските дупки.
Владата најави дека во 2026 година ќе ја заостри борбата со инфлацијата и дека ќе следуваат затворања и повисоки казни за непочитување на Законот за нефер трговски практики кои ќе се движат и до 200.000 евра.
Уште на почетокот на годинава се соочивме со различни проекции за инфлацијата во 2026 година, која, според премиерот Христијан Мицкоски, ќе се движи околу 4 отсто, а според проекциите на Народната банка, таа ќе се смири и ќе биде некаде околу 2,5 отсто.
Според изјавите на премиерот, се очекува цените да растат и во оваа година, но тој им се закани со високи казни и клуч на врата.
– Ќе предложиме законски измени за следната година со многу поголеми казни за сите оние синџири на супермаркети кои го изигруваат Законот за нефер трговски практики. За некои од синџирите веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Но, останува да се види дали ова ќе биде само заплашување на маркетите или навистина ќе се преземат мерки кои ќе донесат реален ефект за граѓаните.
(А. С.)












