Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, го објави списокот со играчи за претстојните октомвриски квалификации за пласман на Светското првенство 2026, а најголемо внимание привлекува враќањето на Давид Бабунски и на Иван Ашковски, кои, по подолго време, повторно се наоѓаат меѓу неговите избраници.

„Црвено-жолтите“ во овој циклус ќе одиграат два натпревара, првиот на гости, против Белгија, на 10 октомври, а три дена подоцна, на арената „Тодор Проески“ ќе го пречекаат Казахстан. Во пресрет на дуелите, нашата репрезентација е прва на табелата со 11 бода, еден повеќе од Белгија и од Велс. Инаку, „црвените ѓаволи“ имаат натпревар помалку.

  • Сите пет меча досега беа главни битки. Ни останаа уште три, кои мораме да ги одиграме на највисоко ниво. Овој со Белгија е ист како претходните – да не беа важни тие, сега немаше да сме во оваа позиција. Ќе се обидеме да завршиме најдобро што можеме, а што ќе донесе тоа – ќе видиме. Ретко кој очекуваше да имаме толку бодови по пет натпревари, но ние сме таму каде што сме. Стоиме цврсто на земја, знаеме против кого играме. Белгија е фаворит, но Македонија покажа дека може да биде конкурентна. Никој не може да ни го одземе сонот за Мундијал! Секогаш има притисок, сите сакаме да победуваме. Белгија е фаворит, тоа е факт, но и ние имаме свои амбиции – да покажеме дека не сме случајно тука. Во последните две години, докажавме дека можеме да бидеме конкурентни со секого. Можно е да ја изненадиме Белгија – да, можно е. Пред сè, очекувам натпревар со индивидуален квалитет, каде што Белгија е напред, но крајот ќе покаже кој ќе биде победник – истакна Милевски.

Инаку, поради повреда, селекторот Милевски не може да смета на Лирим Ќамили, додека надвор од комбинација е и Димитар Митровски.

  • Списокот е идентичен како претходниот, со тоа што Лирим Ќамили отсуствува поради повреда. Тука се и двајцата повратници, Ашковски и Бабунски, и се надевам, пред сè, дека сите ќе бидат здрави. Бабунски е со нас откако сум селектор, имаше проблем со клубот каде што беше претходно. Сега се враќа и верувам дека неговиот потенцијал е потребен за нашата репрезентација и затоа е тука – изјави Милевски.

Списокот на Македонија за октомвриските натпревари:

Голмани: Столе Димитриевски (Валенсија, Шпанија), Дејан Илиев (УТА Арад, Романија), Дамјан Шишковски (Борац Бања Лука, БиХ), Игор Алексовски (Фљамуртари, Албанија).

Одбрана: Висар Муслиу (Падерборн, Германија), Никола Серафимов (Левски Софија, Бугарија), Езѓан Алиоски (Лугано, Швајцарија), Ѓоко Зајков (Ајман, ОАЕ), Андреј Стојчевски (Словачко, Чешка), Дарко Велковски (Зрињски, БиХ), Стефан Деспотовски (ОФК Београд, Србија), Бојан Илиевски (Струга Трим лум).

Среден ред: Енис Барди (Коњаспор, Турција), Јани Атанасов (Лариса, Грција), Елиф Елмас (Лајпциг, Германија), Исник Алими (Далијан Јингбо, Кина), Лука Станковски (Раднички Крагуевац, Србија), Тихомир Костадинов (Сигма Оломуц, Чешка), Решат Рамадани (Шкендија).

Напад: Бојан Миовски (Ренџерс, Шкотска), Милан Ристовски (Бохемијанс 1905, Чешка), Дарко Чурлинов (Кочаелиспор, Турција), Александар Трајковски, Давид Бабунски (Вардар), Иван Ашковски, Елмин Растодер (Тун, Швајцарија).

ИЗДВОЕНИ