Тренерот на италијанската кошаркарска репрезентација, Џанмарко Поцеко, никогаш не престанува да мисли на Акиле Полонара, кошаркарот кој води битка за својот живот.
Откако го победи ракот, Полонара мораше да се соочи со миелоидна леукемија и моментно е на лекување.
Кон средината на јуни оваа година беше објавено со која болест се бори Полонара, и затоа не е дел од италијанската репрезентација на Евробаскетот.
- Многу ни недостига Акиле Полонара… Сите знаат дека сега е во болница во Валенсија. Не ни е лесно да мислиме на него, истакна емотивниот Поцеко.
Италијанскиот тренер откри и како Полонара станал маскота на репрезентацијата на Евробаскетот.
- Го повикав пред натпреварот против Грција, еден час пред натпреварот. Реков: „Акиле, ќе ти се јавам повторно 30 минути пред натпреварот со сите момци во соблекувалната“. Го повикав и не се јави, не знам зошто, не го наместил алармот на телефонот. Го загубивме натпреварот. Го повикав повторно против Грузија и се јави. Истото против Босна и Херцеговина. Сигурен сум дека секогаш кога ќе се јави, ние победуваме. Тоа е нешто за кое мислите дека е случајност, но не е, истакна Поцеко.
За Италија на Евробаскетот, секој натпревар започнува со повик на Полонара и неговиот дух, кој е очигледен во соблекувалната и на теренот.
Италија обезбеди пласман во наредната фаза и во осминафиналето ќе игра против селекцијата на Словенија.
Сите се надеваат дека Полонара наскоро ќе закрепне, а Динамо Сасари неодамна објави дека Акиле го чека место во тимот кога ќе се врати на паркетот.