Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, клучна фигура во мировните преговори за завршување на војната, е испрашуван како сведок во истрагата за најголемиот корупциски скандал од почетокот на војната со Русија, што доведе до оставка на двајца министри.
Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) на Украина го повика Умеров да сведочи како дел од истрагата за Тимур Миндич, осомничениот водач на корупциска мрежа осомничен за проневера на 100 милиони долари во енергетскиот сектор, објави „Ројтерс“.
НАБУ не соопшти кога Умеров бил испрашуван.
Умеров ја предводеше украинската делегација на мировните преговори со руски претставници во Турција напролет, како и во Женева претходно оваа недела, каде што разговараше за европскиот одговор на мировниот план на Вашингтон со американските функционери.
На 10 ноември, НАБУ и САП ги објавија резултатите од истрагата за корупција во енергетскиот сектор, наречена „Мидас“. Беа документирани активностите на високо рангирана криминална организација, чии учесници изградија шема на корупција од големи размери за да влијаат врз стратешките државни претпријатија, особено врз „Енергоатом“.
Според истрагата, неколку украински функционери биле вклучени во систематско перење пари и нелегално богатење, а шемата ја водел бизнисменот Тимур Миндич, поранешен деловен партнер на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинската министерка за енергетика Светлана Гринчук и министерот за правда Герман Галушченко поднесоа оставки откако нивните имиња се појавија во истрагата.
Подоцна, САП објави дека е формирана комисија за спроведување внатрешна истрага за можно протекување на податоци од предистражната истрага спроведена од НАБУ и САП, а Сињук е осомничен за долгорочно и систематско „протекување на детали од други истраги“.












