Томе Манчев велеше, мое првично мото е да создадам висококвалитетно и уметничко дело со моќна експресија, високо ниво на психоенергија, совршено композициско-техничко обликување, но и дело кое ќе ме потпише како граѓанин на Македонија, на мојата Татковина… Како истакнат композитор, педагог, музички писател, истражувач и општествен деец, тој со својата музика ја збогати македонската културна ризница
Во рамки на програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата 2025“, се одржа Авторски концерт посветен на творештвото на професорот д-р Томе Манчев, истакнат македонски композитор, професор и публицист, роден во Гевгелија. Со овој концерт, организиран од ЈОУ Дом на култура „Македонија“, а во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија, Гевгелија му оддаде достојна почит на својот сограѓанин, истакнат композитор, педагог, музички писател, истражувач и општествен деец, кој со својата музика ја збогати македонската културна ризница.
Композиторот Томе Манчев (1950 – 2020) е роден во Гевгелија. Средно образование завршува во градската гимназија, дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје (ФМУ), а знаењето го надградува со највисокиот степен на студии – уметничка аспирантура во Прага. Докторира на Музичката академија во Софија и станува доктор по уметнички науки од областа на оркестрацијата. Во 1999 станува доктор на музички науки на Државната академија „Панче Владигеров“ во Софија, под менторство на Димитар Сагаев, со трудот „Движењето, суштински елемент во симфониското творештво“. По дипломирањето, Манчев, паралелно со творечката, развива и богата педагошка дејност во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и на ФМУ, каде што освен предавањето, дел од главните стручни предмети (оркестрација, познавање музички инструменти, основи на оркестрацијата, техники на компонирање на XX век, анализа на музичко дело, методологија на научно истражување и др.), водеше и своја композиторска класа. Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои највисоката награда на Сојузот на композиторите на Македонија „Трајко Прокопиев“ за животно дело, како и наградата за животно дело од Музичките педагози на Македонија. Неговите дела се изведувани на повеќе манифестации и концерти во Македонија и низ светот.

Мора да признам дека концертот лично за мене беше мошне емотивен. Имав привилегија лично да го познавам професорот, со кој, во секоја прилика кога доаѓаше во Гевгелија, во неговата куќа, имавме долги разговори за музиката, за неговиот трнлив музички пат, но и за неговите погледи и размисли за светот и за Македонија. Тој велеше, мое првично мото е да создадам висококвалитетно и уметничко дело со моќна експресија, високо ниво на психоенергија, совршено композициско-техничко обликување, но и дело кое ќе ме потпише како граѓанин на Македонија, на мојата Татковина.
Овој исклучителен концерт го модерираше професор д-р Стефанија Лешкова- Зеленковска, музиколог и долгогодишен познавач на творештвото на Манчев, која со избрани зборови ги допре срцата на посетителите, па и моето:
„Томе Манчев ќе остане запаметен како тивок, скромен човек, со исклучителна професионалност, целосна посветеност и неисцрпна креативност. Композитор и професор, кој кон сè што работеше приоѓаше со перфекционизам, со стремеж тоа што ќе се изработи и ќе се создаде да биде совршено беспрекорно. Тој во неговите дела совршенството го исполнуваше со длабока емотивност и силни чувства, паралелно со една јасна концепција за националната определба која произлегуваше од неговата почит кон музичкото наследство на македонската музичка традиција. Истовремено, негова мисла водилка беше да се измисли нешто ново што дотогаш не е создадено. Секој збор, секоја мисла, секоја нота Манчев инсистираше да бидат избрани, откако најмалку дваесетина пати ќе бидат осмислени и проверени, сè додека не го добијат своето идеално место и значење“.
На концертот публиката проследи камерни дела од неговиот богат опус: „Санаториумска балада“ (1974/75), Соната „Ламентозо“ (1989), „Два става“ (1976), „ДД…“ (2002), „Монолог и дијалог“ (2002/03) и „Интрада и капричо“ (1998/99), во изведба на врвните македонски музички уметници, Ангела Андовска – сопран, Горан Начевски – баритон, Јана Каевска – флејта, Здравко Ангелов – кларинет, Марјан Милошевски – фагот, Мартин Димитров – виолина, Маја Михајловска – виолончело, Елена Атанасовска Ивановска и Ивона Базгалоска – пијано.
И додека уживав во нивните интерпретации, полни со страст, емотивност и техничка совршеност, одвреме-навреме, во мислите се навраќав на некои од нашите средби и разговори со професорот, а кои и тоа како имаат врска и со овој исклучителен концерт. Додека ја слушав „Санаториумска балада“ на текст на Матеја Матевски, се присетив на интервјуто во југословенското музичко списание „Звук“ од 1977 со големиот полски композитор Витолд Лутославски, а по повод музичкиот семинар во местото Грожњан, Хрватска. На прашањето на новинарот, кој од југословенските композитори му оставиле најголем впечаток, Лутославски одговорил дека тоа е младиот колега од Скопје, Томе Манчев кој „се служел со смели и необични модуси во својата композиција „Санаториумска балада“. А, замислете, тогаш Манчев бил студент на прва година во класата на професорот Властимир Николовски.
Се вратив во стварноста навреме, да ги чујам нежните звуци на виолончелото на Маја Михајловска кои се разлеваа низ салата во хотелот „Аполонија“, но само накратко, бидејќи мислите ме однесоа во собата од куќата на професорот во Гевгелија и на еден наш дијалог. Јас го прашувам кога се вљубил во музиката, а тој сетно ми вели дека како дете трчал по свадбарските музички состави, и како прв пат видел странец со гитара како седи и свири на оградата спроти Пионерскиот дом во Гевгелија. Подоцна од една штица и со еден срп се обидел да направи своја гитара која никогаш, нормално не засвирила, бидејќи ги користел дебелите жици од дедовата ограда. Сепак, желбата за гитара му се исполнила кога татко му во петто одделение му купува обична, а во осмо и електрична гитара. Ги слушал серенадите специфични за Гевгелија, го слушал првиот настап на Македонската филхармонија во Народниот театар во Гевгелија во 1967. Сето тоа создавало во неговата душа бурни емотивни потреси, силни чувства, вулкан од желби да и се посвети на уметноста, на тонот и на ритмот, кои според дефиницијата на музикотерапијата се лек за душата. Сметам, ми вели, дека во детството е скриен најмоќниот генератор на фантазијата и идеалот на останатиот дел на младоста, па и на зрелиот и завршниот дел од животот на една личност.
Програмата на концертот продолжи со сонатата „Ламентозо“ за виолина и за пијано, а продолжија и моите „флеш-бекови“. Чуден концерт, си велам, бидејќи и за таа композиција професорот ми раскажуваше при нашите седенки.
Сонатата Ламентозо за виолина и за пијано е посветена на несреќниот крај на неговиот пријател од младоста, Ристо Мурџев. Во оваа композиција, велеше Манчев, се вметнати сеќавањата од младешките денови поминати во градот на смоквите и калинките и на неговата куќа во близина на црквата „Свети Спас“, каде што започнал и неговиот живот. Вметната е и лозницата која ја посадиле во дворот со неговиот дедо Васил и пролетниот воздух со мирис на риба, ситниот дождец и јужниот тежок воздух. Со воздишка заврши дека не постои модус кој може да ги врами и да ги генерализира сеќавањата и чувствата кон неговиот роден град, Гевгелија.
Присутната публика е веќе на нозе и со бурни аплаузи заслужено ги наградува музичките уметници, а јас, накратко, се навраќам на нашиот последен разговор, непосредно пред неговата смрт. Дојде од Скопје со воз, како и обично, и ме повика во неговата родна куќа. Не сакам да ја продавам, ми вели, водејќи ме од соба во соба. Имам намера куќата да ја претворам во музеј, во која ќе бидат сместени сите мои драги предмети и дела и во неа да доаѓаат оние што ќе сакаат да видат каде бил роден Томе Манчев, македонскиот композитор. Зборуваше со голема страст. За жал, неговата прерана смрт не дозволи оваа негова желба да се оствари.
Останав уште малку во салата, и ми се причини дека сѐ уште во воздухот како да лебди духот на професорот Манчев, кој, барем мене така ми се причини, оваа вечер беше присутен во секоја нота која излегуваше од инструментите и гласовите на неговите музички наследници. Почивај во мир и нека ти е вечна слава, професоре. (Љ. А.)












