Македонија е центарот на глобалниот енергетски дијалог. Повеќе од 500 учесници од целиот свет денеска, утре и задутреќе дебатираат за енергетската транзиција, за технологијата, за пазарите, но пред сè, за луѓето зад таа транзиција. – Нашата цел не е само да ги исполнуваме меѓународните цели. Нашата цел е да ја создадеме економијата на иднината: интелигентна, дигитална, зелена и отпорна, порача премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на Форумот

Македонија е центарот на глобалниот енергетски дијалог. Преку 500 учесници од целиот свет денеска, утре и задутре ќе дебатираат за енергетската транзиција, за технологијата, за пазарите, но пред сè, за луѓето зад таа транзиција, за начинот на кој живееме, за начинот на кој произведуваме енергија и на кој соработуваме за да обезбедиме енергетска сигурност на 14. Меѓународен форум за енергетика за одржлив развој насловен „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“, што се одржува во Скопје.
– Енергетиката е срцето на економијата. И ако тоа срце чука рамномерно, целиот систем живее. Да го одржиме тој ритам е нашата заедничка одговорност, но и нашата најголема можност. Затоа, секоја инвестиција во чиста енергија е инвестиција во живот, здравје, стабилност и напредок. Секоја нова технологија што ја воведуваме, секој киловат што го произведуваме без загадување е чекор кон економија што ќе ја напои во иднината. Нашата цел не е само да ги исполнуваме меѓународните цели. Нашата цел е да ја создадеме економијата на иднината: интелигентна, дигитална, зелена и отпорна – порача премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на Форумот.
Тој истакна дека е горд што Македонија денес е центар на светската дебата за иднината на енергијата.
– И уште погорд што светот погледнува кон нас не како кон мала земја, туку како кон сериозен партнер, кој активно ја обликува агендата за одржлив развој. Фактот што денеска овде во Скопје се води оваа глобална дискусија, покажува дека регионалната енергетска иднина може и треба да се гради токму тука, во нашата земја. Ова е нашата можност да покажеме дека земја со мала површина може да има големо влијание кога има јасна визија, решителност и лидерство – нагласи Мицкоски.
Тој рече дека енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија.
– Енергетската транзиција изгледаше недостижна, скапа, бавна. Но, ние ја правиме возможна. Секој соларен панел, секоја ветерница, секоја нова електрана што работи на чиста енергија, тоа е дел од нашата современа борба за независност – истакна Мицкоски.
Премиерот потсети на напорите што Владата ги направи во инвестирањето во обновливи извори на енергија.
– Воспоставивме јасни регулаторни рамки. Изградивме енергетски интерконектори со соседните земји. Започнавме програми за енергетска ефикасност во јавниот и во приватниот сектор. Се постројуваат соларни и ветерни паркови кои пред само една деценија беа визија на хартија. Сега тие се реалност, дел од мрежата што ја храни иднината. Паралелно, инвестираме во човечки капитал, затоа што знаеме дека енергијата не доаѓа само од природата, туку и луѓето што ја создаваат, иновираат и сонуваат – истакна Мицкоски.
Рече дека енергијата на визијата, трудот и на посветеноста ја чувствува токму во Македонската филхармонија, каде што беше отворен тридневниот форум.
– Тоа е енергијата што ја движи Македонија, народ кој не се плаши од промени, туку ги прегрнува како предизвик и како можност. Како што рече Винстон Черчил, „Не дозволувај кризните времиња да поминат без да ги искористиш за создавање нешто ново“. И ние така постапуваме. Глобалните кризи не ги доживуваме како пречки, туку како поттик за нови решенија – рече Мицкоски.

На отворањето на форумот се обратија и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, извршната секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE), Татијана Молчан, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григоријан.
Министерката Божиновска нагласи дека енергетската отпорност денес значи способност системот да издржи, да се приспособи и да продолжи да функционира дури и во услови на глобална неизвесност и геополитички потреси.
– Енергетската транзиција не е само технолошки, туку и општествен процес што бара храброст да се променат навиките, бара визија за носење долгорочни одлуки и подготвеност да се инвестира во решенија што не носат брзо резултати, но создаваат посигурна и поодржлива иднина за следните генерации – истакна Божиновска нагласувајќи дека зависноста од еден снабдувач е минато, а иднината припаѓа на сигурни енергетски решенија.
Според неа, во оваа нова ера, технологијата и вештачката интелигенција се наш сојузник, а не закана.
– Тие можат да помогнат да ја предвидиме побарувачката, да ја оптимизираме потрошувачката и да ја подобриме достапноста на енергијата. Но, енергијата, мора да ја користиме паметно, со фокус на луѓето, не само на машините. Енергетската транзиција не е трка меѓу држави. Таа е заедничко патување. Ниту една земја, колку и да е голема, не може сама да се справи со климатските предизвици. Но, заедно можеме да изградиме посигурни, поотпорни и почисти системи. Нашата улога како министри и лидери е да создадеме услови оваа транзиција да биде фер, одржлива и инклузивна и да се погрижиме никој да не остане зад нас – истакна Божиновска.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан, истакна дека решенијата за одржлива енергија не се избор, туку неопходност.
– Сега мора да преминеме од ветувања кон реална имплементација. Одржливата енергија е срцевината на нашата заедничка иднина. Во целиот свет УНДП активно работи на унапредување на оваа агенда. Овде, во Македонија, работиме на подобрување на енергетската ефикасност и на намалување на загадувањето на воздухот. Им помагаме на семејствата да ги загреваат своите домови на чист и одржлив начин, овозможуваме бизнисите да инвестираат во зелени решенија, создаваме поздрави заедници и нови можности за раст – изјави Григорјан.
Татијана Молчан, генерална потсекретарка на Обединетите нации и извршна секретарка на Економската комисија на ОН за Европа, истакна дека денес стоиме на раскрсница кога станува збор за мултилатерализмот во енергетиката.
– Глобалната енергетска транзиција не е само историска можност за одржлив развој, туку и голема одговорност. Мора да изградиме отпорни енергетски системи кои ќе обезбедат сигурно, достапно и еколошки одржливо снабдување со енергија. Знаеме дека никој од нас не може да успее ако работи сам. За да бидеме успешни, мора да ги вклучиме сите засегнати страни, да ги процениме социоекономските влијанија и целосно да ги разбереме последиците од нашите политички одлуки – рече Молчан.
(С. Бл.)












