Улиците низ Македонија изминатиот викенд беа полни со опасности – вкупно 1172 сообраќајни прекршувања беа евидентирани од страна на полицијата. Возачи без дозвола, под дејство на алкохол, пребрзи, без шлемови или сигурносни појаси – законот се кршел на секој чекор. Црната статистика покажува дека секој втор возач на патиштата во земјава не ги почитува сообраќајните правила, а надлежните најавуваат засилени контроли и во наредните денови.
-Во деновите од изминатиот викенд (09./10.08.2025) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализириаат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1172 издадени платни налози дури 113 прекршоци се однесуваат на возачи кои што учествувале во сообраќајот без возачка дозвола. Истовремено 80 возачи возеле под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, додека пак 48 возачи на мотоцикли се санкционирани заради неносење на заштитен шлем, соопштија од МВР.
Оттаму додаваат дека согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата најмногу прекршоци во текот на викендот – 459 се однесуваат на непочитување на пропишаната брзина на движење, 192 за недозволено паркирање, додека пак прекршочно се санкционирани уште 38 лица кои некористеле сигурносен појас, 28 заради користење мобилен телефон при возење, четворица минале на црвено светло, а пет возачи се санкционирани поради не исполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.
Согласно Законот за возила, 29 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани.
-Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, порачуваат од МВР.
Бројноста на пијаните возачи и на опасностите што тие ги предизвикуваат беше причина што во неодамнешните јавни расправи за промени во казнената политика за сообраќајни прекршоци, беше побарано да се намали дозволената граница на алкохолот во крвта.
Казнувањето како превенција очигледно не ги дава резултатите, во насока да се промени сообраќајната култура и да се зголеми свеста за поголема одговорност, особено кај младите возачи. Граѓаните не се чувствуваат безбедно да се движат дури ни по тротоарите на булеварите или по поголемите улици и бараат сообраќајната полиција нонстоп да биде присутна. Полицијата го одложи пуштањето во употреба на проектот Безбеден град за една година поради менување на неколку закони. Поголем дел од камерите се веќе поставени на семафорските столбови, снимаат, но не испорачуваат казни. Дотогаш само ќе се восхитуваме на европските примери како што е тој со главниот град на Финска, Хелсинки, каде цела година немало сообраќајка со жртва.