Државни раководители, претставници на партиите, граѓански здруженија, странски дипломати… пред саркофагот во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје оставаа венци и букети свежи цвеќиња, истовремено поклонувајќи се пред неговото големо дело. Годинава, како и лани, не се случи заедничко македонско-бугарско чествување на великанот. Откако изјави бугарскиот министер Георг Георгиев дека „не добиле покана“, македонскиот премиер Христијан Мицкоски рече дека „доколку сакаат тие да ги почитуваат и чествуваат ликот и делото на македонскиот великан, идеолог и револуционер, добредојдени се слободно во слободна демократска држава“
Македонски великан, апостол на македонската револуционерна борба, идеолог, праведник, јунак… се зборовите што се упатуваа на чествувањето на 153. годишнина од раѓањето на Гоце Делчев. Се чествуваше ширум Македонија, по која крстосувал овој водач на Македонската револуционерна организација на почетокот од минатиот век, организирајќи го народот во борбата за ослободување од ропството. „Ослободувањето на еден народ е, пред сè, негово дело. Ние не можеме да дозволиме други да прават политика со Македонија“ беа неговите зборовите што ги изговараа бројните делегации, кои вчера му оддава почит во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што е и неговото вечно почивалиште. Државни раководители, претставници на партиите, граѓански здруженија, странски дипломати… оставаа венци и букети свежи цвеќиња, истовремено поклонувајќи се пред неговото големо дело.
Први почит оддадоа претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и премиерот Христијан Мицкоски. По ова, Мицкоски ја најави намерата македонската Влада да има традиција на одбележување на роденденот на Делчев.
– Дозволете ми да ѝ го честитам на целата македонска јавност родениот ден на македонскиот великан, идеолог и јунак Гоце Делчев. Тоа што го правевме во минатото, продолжуваме да го правиме и како Влада. Цениме дека македонската Влада треба да има традиција во иднина да го чествува овој ден, бидејќи ова е наш македонски великан, кој е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее никогаш да биде заборавено – рече потоа Мицкоски.
Годинава, како и лани, не се случи заедничко македонско-бугарско чествување на великанот, како што е предвидено тоа со Договорот за добрососедство меѓу двете земји, потпишан пред седум години. Од Софија, вчера, новиот бугарски министер за надворешни работи, Георг Георгиев, потврди дека во Скопје нема да има заедничко чествување предвидено со меѓудржавниот Договор, бидејќи „не добиле покана за такво нешто“.
Македонија го почитува Договорот
На ова, на подоцнежната конференција за печатот, премиерот Мицкоски одговори дека секој може да дојде за да го почитува македонскиот револуционер.
– Не би рекол дека Владата не го почитува Договорот за добрососедството со Бугарија. Мислам дека прва што не го почитува Договорот е токму бугарската Влада, односно тогашната бугарска Влада од 2019 година, која наместо да нè поддржува, одлучи да нè опструира, ставајќи вето на почетокот на нашите преговори како држава. Доколку сакаат тие да ги почитуваат и чествуваат ликот и делото на македонскиот великан, идеолог и револуционер, добредојдени се слободно во слободна демократска држава. Секој што сака да ги почитува ликот и делото на Македонецот Гоце Делчев, слободно да дојде и да го направи тоа – потенцира Мицкоски во одговорот на новинарско прашање.
Чествувањето во црковниот двор, инаку, започна со панихида во спомен на Делчев, со која чиночалствуваше македонскиот поглавар, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан. Молејќи се за неговата душа, тој рече дека молитвено му се поклонуваме на апостолот и на идеологот на македонската револуционерна борба, чиј роденден и натаму ќе биде прославуван заедно со чувањето на споменот.
– Гоце загинал на 31 години, но, еве, и 123 години потоа, ние, неговите потомци, го одбележуваме 4 февруари и должни сме да продолжиме да го правиме тоа. Така, ние сме должни борбата на Гоце и на неговите браќа и сестри, на борците за Македонија, да биде и наша борба. Неговата непокорност пред силите на денот да ни биде пример за наше достоинствено стоење и однесување пред секого. Неговиот идеал „Светот да биде поле за културен натпревар меѓу народите“ да ни биде поттик на секое поколение Македонци да му создаваме услови за учество на тој благороден натпревар. Тој зборуваше дека делото на ослободување на еден народ треба да биде негово дело. Но, ако ослободувањето на еден народ е негово дело, тогаш и останувањето слободен треба да е негово дело и негова должност. Затоа, оддавајќи му почит на Гоце, да го следиме во љубовта кон родот, кон татковината и кон нивната слобода и да ја имаме неговата непоколеблива настојчивост кон правда. Само така ќе се покажеме како достојни чеда и негови вистински следбеници. Нека му е вечен споменот! – порача архиепископот г.г. Стефан, кој потоа запали две свеќи пред почивалиштето на Делчев.
Почит оддаде и лидерот на најголемата опозициска партија, Венко Филипче, кој потсети дека Делчев со борел за слободна и демократска Македонија.
– Ги одбележуваме ликот и делото на нашиот најголем борец , револуционер и визионер, Гоце Делчев. Во неговата борба се вградени сите социјалдемократски вредности. Тој се борел за слободна Македонија, демократска, во која се гарантирани индивидуалните слободи на луѓето и, секако, правдата. Неговите мудри мисли се актуелни и релевантни и денес. Тргнал во борба повикувајќи ги сите луѓе без разлика на нивната етничка, национална или политичка припадност, поради тоа што имале една цел, а тоа било слободна држава. Ние денес треба да продолжиме во тој манир, да ги надминеме разликите кога станува збор за националните интереси и сите заедно да се бориме за уште попросперитетна Македонија и интегрирана во Европската Унија – порача Филипче.
Тој додаде дека, како партија, очекуваат Владата да ги исполни предизборните ветувања и да ги деблокира преговорите со ЕУ.
– Ние, како Влада на СДСМ, во изминативе седум години направивме сè да се надминат дотогашните блокади. Сега сме на прагот да се отворат поглавјата. Сега чекаме Владата да ги исполни ветувањата за промена на преговарачката рамка. Ние ќе го поддржиме кој било подобрен предлог што ќе дојде на маса – рече Филипче.
Идеите на делчевизмот – темел за заедничка иднина
Пред гробот на Делчев првпат се појави и партиска делегација на ДУИ. Поранешниот министер, Арбр Адеми, рече дека визијата на Гоце Делчев оставила траен белег.
– Идеите на делчевизмот се од суштинска важност во денешно време. Коегзистенцијата, заемното почитување и културното збогатување се темелите на кои треба да ја градиме нашата заедничка иднина. Различностите не треба да создаваат поделби, туку да бидат извор на сила, инспирација и напредок – изјави Адеми.
Чествувања во спомен на македонскиот великан Гоце Делчев, роден на 4 февруари 1872 година, во Кукуш, кој потоа ја предводел Македонската револуционерна организација, се одржаа и во Делчево, Битола, Куманово… Во бугарската метропола, Софија, по овој повод, за вечер е најавено одржување свечен концерт под покровителство на претседателот Румен Радев. (Б.Ѓ.)
Останува енигма кој го направил камениот саркофаг во дворот на црквата „Свети Спас“
За вечното почивалиште на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, во дворот на црквата „Свети Спас“ се знае речиси сè, освен, можеби, најважното: кој е автор на паметникот? Речиси цели седум децении откако се ставени коските на Делчев во белиот камен саркофаг, по нивното враќање од Бугарија во 1946 година, трае енигмата за тоа кој, всушност, е уметникот што го смислил и го направил ова обележје длабоко вградено во колективната меморија на целиот македонски народ. Со години траат обидите да се дознае авторството, но залудно.
Познато е, на 10 октомври 1946 година, во камениот саркофаг биле положени коските на Делчев, а претходно се воделе интензивни подготовки во Скопје за да се изгради достоинствено почивалиште за македонскиот херој. Но, кој и од кого бил определен како автор на споменикот, останува енигма за чиј одговор нема никакви пишани документи во архивите на тогашната нова власт, дојдена по победата во Втората светска војна. Документи нема ниту во Државниот архив, архивите на општините, Градот Скопје… Претпоставки се дека можниот автор треба да се бара меѓу еден од двајца Словенци што, како архитекти или нешто слично, работеле во тој период 1945/1946 година, во Скопје. Варијанта е и тоа дека автор е некој Хрват што во тоа време престојувал во Скопје и имал искуство со изработка на споменици од камен.