Македонскиот олимписки комитет (МОК) неодамна им ги додели стипендиите на потенцијалните претставници на Летните олимписки игри во Лос Анџелес, во 2028 година. Доколку сè тече според планот, Македонија во Холивуд ќе ја претставуваат деветмина спортисти во шест спорта. Повеќето од нив ѝ се добро познати на македонската јавност, некои беа во македонскиот олимписки тим и на претходните Игри во Париз, а само еден од нив, претходно, во 2020 година, на Олимписките игри во Токио, успеа да освои медал.
Станува збор за таеквондистот Дејан Георгиевски, кој се врати од Токио со сребрен медал, но, за жал, не успеа да обезбеди норма за Олимписките игри во Париз, минатата година. Сега, тој повторно има можност да влезе во олимпискиот тим за Игрите во Лос Анџелес.
– Висината на стипендијата од 1.600 евра месечно, сметам дека е доволна за да ги одработам неопходните тренинзи за натпреварувањата што ми следуваат. Тоа е солидна сума, а, исто така, морам да им се заблагодарам на Македонската таеквондо федерација и на претседателот, д-р Борче Костовски, бидејќи откако е тој на чело, никогаш сум имал недостиг на финансии за големите натпреварувања. Секогаш ми беше покриено и никогаш немав дилема дали ќе имам доволно финансиски средства за некој натпревар или подготовки, не само за мене туку и за сите други членови на репрезентацијата – посочи најдобриот македонски таеквондист.
Георгиевски потоа се осврна и на својата наредна цел: олимпиското злато. За таа цел, прво ќе мора да избори норма за Олимпијадата во Лос Анџелес, а потоа, како што вели, ќе го нападне најблескавото одличје.

– Нашата цел секогаш е да се искачиме на највисокото скалило на подиумот. И пред Токио најавивме злато, кое, ете, за жал, не успеавме да го донесеме, но докажавме дека е реално тоа. Сега, најважно, но и најтешко е да се обезбеди норма за Олимписките игри, а потоа, секако, и медал. Со Господ напред, да бидеме здрави и живи до 2028, секако дека ќе го нападнеме златото – вели сребрениот олимпиец.
Покрај Георгиевски, стипендисти на МОК за олимпискиот циклус, за Игрите во 2028 година, се уште: Мила Рељиќ, таеквондо, кој на Игрите во Париз стигна до четврт-финалето; атлетичарот Дарио Ивановски, кој во Градот на Светлината ја заврши маратонската трка на 69. место. Од него се очекува подобар резултат на наредните Игри, бидејќи минатиот месец победи на Скопскиот атлетски маратон. Македонија може да има претставник и во кајак, ако Ангел Петрушев успее да обезбеди норма во наредните три години. Анастасија Мојсовска би можела да нè претставува во спортско стрелаштво, Магомедгаџи Нуров и Владимир Егоров во борење, Душица Бреслиева во таеквондо, а тука е и пливачот Никола Ѓуретановиќ, кој на минатогодишните Игри во Париз нè претставуваше во дисциплината 400 метри слободно, но не успеа да ги мине квалификациите.
– Прво, сакам да ви се заблагодарам на сите за интересот и би сакал да истакнам дека сум среќен што Олимпискиот комитет на Македонија верува во мене. Ќе се потрудам и ќе дадам сè од себе, преку работа и дисциплина, да ја направам Македонија среќна. Норма во пливањето како спорт, за разлика од многу други спортови, е резултатот да биде еднаков на финалето на Игрите и затоа не би сакал да зборувам за таа тема толку рано. Имаме цел процес што треба да го завршиме за да стигнеме таму. Сепак, јасно е дека јас и мојот тим се стремиме кон највисоките цели, чекор по чекор.
Стипендијата од 400 американски долари месечно ќе покрие дел од огромните трошоци. Во моментов, јас сум на тренинг на голема надморска височина, во Сиера Невада, Шпанија, но што се однесува до трошоците и финансиите, имам тим околу мене, кој знае повеќе за тој дел од процесот. Среќен сум и благодарен што Олимпискиот комитет покажа посветеност кон мојата работа. Основната дисциплина е 400 метри слободен стил, но пливам и 200, 800 и 1.500 метри слободно. Ќе видиме како и каде ќе се одвива работата. Времето ќе покаже – вели Ѓуретановиќ.

Македонија, како самостојна држава, настапува на Летните олимписки игри од 1996 година (претходно во 1992 годна, во Барселона, настапи како независен олимписки претставник). Оттогаш до денес, имавме претставници на сите олимпијади и успеавме да освоиме само два медала. Првиот медал за Македонија, како независна држава, го освои борачот Могамед Ибрагимов во 2000 година, во Сиднеј, а вториот е на претходно споменатиот Дејан Георгиевски, сребро во таеквондо од Токио, во 2020 година.
Но, може да се каже дека македонските спортисти се покажаа многу поуспешни кога настапуваа во рамките на СФР Југославија. Македонски спортисти што освоија медал во тој период се: Благоја Видимиќ (сребрен медал во фудбал од ЛОИ 1956 Мелбурн и злато од 1960 година, во Рим), Благоја Георгиевски (сребрен медал во кошарка од 1976, во Монтреал), Аце Русевски (бронза во бокс – Монтреал), Шабан Сејдиу (бронзен медал во борење од Москва, во 1980 и бронза од Лос Анџелес, во 1984), Шабан Трстена (златен медал во борење од Лос Анџелес, во 1984 и сребро од Сеул, во 1988), Реџеп Реџеповски (бронза во борење од Лос Анџелес, во 1984), Милко Ѓуровски (бронзен медал во фудбал од Лос Анџелес, во 1984) и Стојна Вангеловска (сребрен медал во кошарка од Сеул, во 1988). (С. Т.)












