Секој десетти лек во светот е фалсификат, најмногу на удар „инјекциите за слабеење“

53

СЗО предупреди дека пазарот е преплавен со фалсификувани серии на лекот „оземпик“, кој изворно е развиен за лекување дијабетес тип 2, но масовно се користи за трајно намалување на телесната тежина. Според британската Асоцијација на фармацевти, НПА, еден од петмина Британци се обидел да набави лекови за слабеење минатата година

 

Фалсификуваните лекови се глобален проблем. Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека секој десетти лек е фалсификуван, без гаранција дека има здравствена корист од него. Ова е особено проблем во земјите со ниски и со средни приходи, најмногу во делови од Африка и од Азија. Но, дури и во богатите земји, околу еден процент од луѓето набавуваат лекови од непроверени извори. Во некои случаи, состојките во овие производи може, едноставно, да бидат неефикасни. Исто така, може да се појават несакани ефекти или нови здравствени проблеми, пишува „Дојче веле“.

Фалсификуваните лековите се лесни за продажба. Ова е особено случај со производите за слабеење. Тешко е да се препознаат сомнителните платформи за продажба. Експертите и здруженијата од фармацевтската индустрија, наведува ДВ, имаат причина да се плашат дека државните регулаторни агенции повеќе не може да ја следат и контролираат ситуацијата. Овој предизвик е особено видлив кај производите со голема побарувачка, како што се „оземпик“, „вегови“ и „зепбаунд“. Овие лекови познати како „инјекции за слабеење“ ги содржат активните состојки семаглутид или тирзепатид, кои изворно се развиени за лекување на дијабетес тип 2. Тие доведуваат до значително и трајно губење на тежината, па како резултат на тоа, повеќе луѓе сакаат да ослабат со нивна помош, што доведува до зголемување на побарувачката и до недостиг од овие лекови.  Но, фалсификатите брзо ја пополнија оваа празнина.

– Оној што купува лекови преку Интернет, од нелиценцирани и непроверени онлајн продавници, потенцијално се изложува на купување производи што не се правилно оценети, лиценцирани или не ги исполнуваат стандардите за квалитет – објавија соработниците на американската Агенција за лекови, ФДА, уште во 2023 година, кога беа издадени првите предупредувања во врска со овој проблем, пренесува ДВ.

Една година подоцна, СЗО предупреди за фалсификувани серии на лекот „оземпик“, кои го преплавуваат црниот пазар. Според британската Асоцијација на фармацевти, НПА, еден од петмина Британци се обидел да набави лекови за слабеење минатата година. Големата побарувачка за овие лекови носи ризик, бидејќи луѓето „посегнуваат по нелиценцирани онлајн набавувачи наместо да набавуваат лекови од аптеките“. Се продаваат непроверени лекови во онлајн аптеките, на меѓународните страници за купување лекови и преку синџирите на организиран криминал. Ова не се онлајн продавници на постојни аптеки, туку веб-страници, кои, очигледно, нудат лекови по многу пониска цена од онаа по која се продаваат оригиналите. Онлајн производите изгледаат автентично, но при испорака, често може да се видат правописни грешки или неточни информации за состојките на пакувањето. Проблемот не се само фалсификуваните лекови или плацебото. Регулаторните тела сè повеќе се загрижени дека се мешаат официјално одобрените лекови и дека се прават нови лекови од нив, индивидуално за пациентите. Во некои региони во светот, вклучувајќи ги и САД, обучени фармацевти смеат да произведуваат свои лекови на овој начин. Сепак, нивните производи не подлежат на истите строги проверки на кои подлежат сертифицираните фармацевтски компании. За да се справи со недостигот, американската агенција ФДА привремено дозволи подготовка на лекови за слабеење, но некои фармацевти наместо семаглутид, користеле семаглутид соли, кои не се одобрени од регулаторните тела, што резултирало со несакани ефекти. Саифудин Ахмед, здравствен експерт и епидемиолог на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД, изјави за „Дојче веле“ дека се прават вакви лекови и во вежбалници и во спа-центри. Тој додава дека лекарите пишуваат рецепти, но не проверуваат каде се купуваат. Сега одобрението за самостојно производство на верзии на лековите за слабеење е повлечено, но ФДА стравува дека несертифицираните онлајн продавачи продолжуваат да нудат производи со послаб квалитет.

Етикетите за безбедност на лековите, вклучувајќи ги и стандардите за етикетирање, се задолжителни во Европската Унија. Во повеќемесечна операција на Европол во 2023 година, речиси 1.300 лица беа обвинети за кривични дела поврзани со трговијата со фалсификувани и злоупотребени лекови и допинг. Во текот на операцијата, конфискувани се таблети, активни состојки, суровини и материјали во вредност од 64 милиони евра.

ИЗДВОЕНИ