Увезените автомобили имаат двојно поголема веројатност да имаат променета километража. Иако овие возила сочинуваат значаен дел од пазарот на половни автомобили во Европа, купувачите треба внимателно да ги проценат сите ризици пред да се одлучат за купување. Бидејќи земјите не разменуваат податоци за возилата, пазарот е полн со автомобили со вратена километража или со скриени дефекти.
Според студијата на „Бизнис Курир“, изготвена врз основа на податоци од компанијата за податоци за автомобили „carVertical“, 4,6 % од увезените возила имаат променета километража. Ова значи дека веројатноста купувачот да купи автомобил со вратена километража е двојно поголема отколку кај возила возени во земјата. Анкетата на „carVertical“ исто така, покажува дека 46,3 % од купувачите на половни автомобили во Европа воопшто не им веруваат на продавачите, а 35 % велат дека биле измамени во минатото.
Во Македонија, увозот на половни автомобили доминира на пазарот: според „Бизнис Курир“, во првите 11 месеци од минатата година биле увезени 41.842 половни возила, додека само 12.025 биле нови. Со оглед на тоа, за секој нов автомобил увезен во земјата има три до четири половни, што го зголемува ризикот за купувачите.

Автомобилскиот експерт на „carVertical“, Матас Бузелис, истакнува дека различните закони во европските земји и недостигот на меѓународна размена на податоци создаваат можност за измама.
– Историјата на автомобилот практично започнува од нула кога се увезува, па ризикот од вратена километража е значително поголем – вели Бузелис.
Најголем дел од увезените автомобили во Источна и во Централна Европа доаѓаат од Западна Европа, често по сообраќајни несреќи или со променета километража. Колку повеќе автомобили се увезуваат, толку се поголеми шансите за купување возило со скриени проблеми.
Анкетата на „carVertical“ покажува дека 83,2 % од купувачите сметаат дека треба да имаат пристап до податоците за историјата на возилата, а 61,5 % ја поддржуваат размената на несензитивни информации меѓу земјите.
Истражувањето покажува дека поголема транспарентност би ја намалила инциденцијата на измами и би донела повеќе јасност на европскиот пазар на половни автомобили. Според „Бизнис Курир“, секое купување увезено возило носи одреден ризик, па внимателноста и проверката на податоците се клучни за безбедна инвестиција.












