За состојбата без вода во овие населени места, градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, ги обвини ЈП „Водовод и канализација“ и Град Скопје и побара да постапат, заканувајќи се дека ќе има протести.  Оттаму, пак, експресно му одговорија дека немаат надлежност за снабдување со вода на селата Црешево и Смилковци и дека жителите на овие две села се корисници на вода од општинското претпријатие ЈКП „Гази Баба“, кое добива вода од РЖ Услуги

 

Населените места Црешево, Смилковци, Маџари, Железара, Автокоманда и Ченто, на ова изгор топло време, се без вода за пиење. Преку „Фејсбук“, се огласи градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој ја оцени ситуацијата со немањето вода како загрижувачка.

– Во услови на екстремно високи температури, ваквата состојба е не само недозволива туку и срамна. Недостигот на вода претставува директна закана за здравјето и за достоинството на нашите сограѓани. Причината е јасна: нема доволно количини вода, а решението лежи во рацете на ЈП „Водовод и канализација“ и во Град Скопје. Ги потсетувам овие институции дека не постојат за сами себе, туку за граѓаните – напиша Стефковски. 

Тој побара итна интервенција од ЈП „Водовод и канализација“ и од Град Скопје, во  спротивно најави дека ќе ги поддржи граѓаните во преземањето на сите демократски методи и најави за можна организација на протести.

– Доколку не се реши оваа состојба веднаш, ќе го поддржам народот во преземањето на сите демократски методи. Ќе излеземе на улица – пишува во објавата.

Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, експресно му одговори на Стефковски, дека ЈП „Водовод и канализација“ и Град Скопје немаат надлежност за снабдување со вода на селата Црешево и Смилковски и дека жителите на овие две села се корисници на вода од општинското претпријатие ЈКП „Гази Баба“, кое добива вода од РЖ Услуги.

– Како набавувате вода од РЖ Услуги, по која цена и потоа како ја наплаќате од жителите е дополнително мистериозно прашање – пишува во ФБ-објавата на Арсовска, пренесена од Прес-службата на Град Скопје.

За населеното место Булачани, Стефковски наведува дека причина за недостигот на вода за пиење се несовесните граѓани.

– Во ова населено место, ЈКП „Гази Баба“, заедно со инспекцијата, ќе спроведе теренски контроли и ќе ги санкционира сите оние што несовесно користат големи количини вода во вечерните часови – најави Стефковски.

Жителите се револтирани дека, можеби, се во прашање политички игри, кои се играат на сметка на нивната жед.

Наводнувал со пивка вода неколку илјади квадрати со пластеници

Од Град Скопје информираа дека е откриен нов див приклучок на вода и дека е изготвена кривична пријава за сторителот, кој во Општина Сарај незаконски се приклучил на мрежата за пивка вода за да си ги наводнува пластениците на неколку илјади квадратни метри.

– Поради случаи како овој, каде што не само што се оштетуваат граѓаните, кои се соочени со сериозен недостиг на притисок во урбаните и во руралните средини и со недостиг на вода туку и се избегнува плаќањето вода од илјадници евра која ја трошел, оштетено е и ЈП „Водовод и канализација“ – велат од Град Скопје.

Согласно со системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка на вода, констатирана е енормно зголемена потрошувачка на вода, особено во попладневните часови. Конкретно, во јуни годинава, дневната потрошувачка на вода во одредени денови изнесувала рекордни 356.000 кубни метри, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител.

Потрошувачката е предизвикана од трошењето вода без усул за наводнување на ниви, за миење возила, полнење на базени. Со дивите приклучоци им се нанесува директна штета на системот и на квалитетот на водоснабдувањето.

ИЗДВОЕНИ