Скопскиот хроничар Данило Коцевски во своите записи навел дека тоа кино е дел од меморијата, од детството, младоста, првите излегувања во паркот, првото гледање филмови на отворено. – Тоа кино имаше неповторлив шарм и убавина, како еден од симболите на Скопје, кое веќе го нема. При исчезнувањето на таквите култни места, не може да не ви затрепери срцето, да не ви се вратат спомените – пишува Коцевски.
Неговиот генерациски и маалски пријател, Трајче Ставрев, вака, со носталгија и духовито, го опишува летното кино: „Ако киното собираше триста гледачи, на околните дрвја беа качени уште двесте гледачи, млади луѓе, кои бесплатно ги гледаа филмовите. Ем гледавме филмови бесплатно ем бевме во убава природа и свежина во паркот. За жал, се случи едно несреќно паѓање од дрво и потоа беа исечени неколку високи стебла. Сосема оправдано се забрани таквото гледање“
Познатото летно кино „Парк“ веќе не постои. Објектот бил урнат поради изградбата на новиот забавен лунапарк, кој долго време се очекувал. Нормално е, времињата се менуваат, но постојат места и објекти што оставиле неизбришлива трага во срцата на скопјани. И тие толку лесно не се бришат. Така е и со ова летно кино.
Скопскиот хроничар Данило Коцевски во своите записи навел дека тоа кино е дел од меморијата, од детството, младоста, првите излегувања во паркот, првото гледање филмови на отворено.
– Тоа кино имаше неповторлив шарм и убавина, како еден од симболите на Скопје, кое веќе го нема. При исчезнувањето на таквите култни места, не може да не ви затрепери срцето, да не ви се вратат спомените – пишува Коцевски.
Неговиот генерациски и маалски пријател, Трајче Ставрев, вака, со носталгија и духовито, го опишува летното кино: „Ако киното собираше триста гледачи, на околните дрвја беа качени уште двесте гледачи, млади луѓе, кои бесплатно ги гледаа филмовите. Ем гледавме филмови бесплатно ем бевме во убава природа и свежина во паркот. За жал, се случи едно несреќно паѓање од дрво и потоа беа исечени неколку високи стебла. Сосема оправдано се забрани таквото гледање“.
Коцевски пишува дека Трајче се сеќавал на многу незаборавни филмови од летното кино: филмовите со Џон Вејн и Гари Купер, „Странецот во седло“ со Рандолф Скот, „Фанфан Лала“ со Жерар Филип и „Рио Гранде“ со Џина Лолобриџида.
– Најинтересен беше моментот, раскажуваше Трајче, кога се даваше филмот „Дракула“ во летното кино. Другар ми, кој седеше до мене, кога ќе имаше морничава сцена, ја пикаше главата под мојата летна кошула, со зборовите: „Кога ќе заврши страшниов дел, кажи ми“. Наоколу шумолеа дрвјата, бучеше паркот, а Дракула навистина изгледаше страшно – го опишал Коцевски сеќавањето на својот другар за ова кино.
Во летното кино се одржувале и концерти како, на пример, на славните „Црвени корали“, се давале претстави, а подоцна децата доживувале безброј радости на своите приредби.
Коцевски додал дека летното кино „Парк“ било изградено по војната, во 1950-тите години и дека спаѓало во оној комплекс од културни и забавно-рекреативни објекти што направиле од паркот вистински рај за прошетки, забава.
Коцевски има споменато и дел од содржините што денес, главно, ги нема.
– Пругата и првата станица на малото вовче, покрај денешното езерце, градени се и пуштени во употреба во 1948 година. Тоа вовче беше како од сказните, сообраќаше до над излетничкото место Сарај и поминуваше низ рајски предели од шуми, води, излетнички места. На тој простор се наоѓаше и стариот лунапарк, кој ги воодушевуваше децата, иако беше скромен по своите содржини: мал рингишпил, мали и средни велосипеди, кои прицврстени за една оска се движеа во круг, популарните „чамци“ за нишање, стрелиште… До самото езерце постоеше уште еден летен објект во кој се даваа приредби, кој денес е урнат – набројал Коцевски во своите записи за Скопје, оживувајќи ги спомените за едно минато, но прекрасно и незаборавно време.
(А. П.)
.