Од петок ќе се казнуваат одењето и возењето велосипед или електричен тротинет со телефон на уво или со слушалки преку пешачки премин. Од 26 септември почнуваат да важат построгите законски одредби, а казнувањето ќе се врши преку системот „Сејф сити“, кој, со објавувањето во „Службен весник“, стана легален за користење.

Така, пешаците што ќе бидат снимени дека разговараат на мобилен телефон при поминувањето на пешачки премин, ќе бидат казнети со 40 евра.

– Пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој Закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, паметен часовник или друг вид електронски уред, со кои би му се намалило вниманието додека ги преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента – се вели во член 116-а од Законот за безбедност во сообраќај.

Казна од 50 евра за ваков прекршок е предвидена и за велосипедистите, како и за возачите на трактор, мотор и на тротинет што користат електронски уреди.

– Возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и на четирицикл, во текот на управувањето со возилото, не смее да користи електронски уреди како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред, со кои би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација што се вградени во заштитните шлемови. Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, согласно со одредбите од овој Закон, на возачот што постапува спротивно на одредбите од ставот (1)  на овој член – се наведува во Законот.

Камерите од „Сејф сити“ ќе се користат за казни од Нова година, а дотогаш само пробно и за анализи и со нивна помош се откриваат фрапантен број сообраќајни прекршоци.

И натаму останува половина промил алкохол во крвта како опис на возење во пијана состојба, освен што за оние што имаат над еден и пол промил алкохол казната ќе биде 375 евра и забрана за возење од девет месеци до една година. Законот ѝ дозволува на полицијата многу поголема употреба на новите видови видеонадзор, меѓу кои е „Сејф сити“.

– Полицијата е овластена да постави технички средства и уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци од областа на сообраќајот на патиштата, односно употреба на видеонадзор и системи што користат напредна технологија со цел документирање на сообраќајните прекршоци, начинот на сторување, откривање на сторителите и следење на безбедноста и протокот на сообраќајот, согласно со надлежноста утврдена со закон – стои во член 369 од Законот за безбедност во сообраќајот.

Во ист пакет за да профункционира „Сејф сити“, треба да се изгласа и законот за прекршоци, кој пратениците уште не го разгледале и не е до крај напишан, а треба да се извршат и промени на уште три закони.

ИЗДВОЕНИ