Силен земјотрес со јачина од 6,5 степени го погоди јужниот и центраниот дел на Мексико, прекинувајќи го првиот брифинг за медиумите на претседателката Клаудија Шајнбаум за новата година откако се огласија сеизмички аларми, објави „АП“.
Земјотресот имал прелиминарна јачина од 6,5 степени, а неговиот епицентар бил во близина на градот Сан Маркос во јужната држава Гереро, во близина на тихоокеанскиот одморалиште Акапулко, соопшти мексиканската национална сеизмолошка агенција.
Агенцијата за цивилна заштита на државата пријавила повеќе лизгања на земјиштето околу Акапулко и на други автопати во државата.
Жителите и туристите во Мексико Сити и Акапулко истрчаа на улиците кога започнаа потресите.
Геолошкиот завод на САД соопшти дека земјотресот се случил на длабочина од 35 километри, четири километри северозападно од Ранчо Виехо. Гереро се наоѓа во планините околу 90 километри североисточно од Акапулко.
Шајнбаум, која кратко потоа го продолжи својот брифинг за медиумите, рече дека разговарала со гувернерката на Гереро, Евелин Салгадо, која ѝ кажала дека не се пријавени сериозни штети.
Хозе Рејмундо Дијаз Табоада, лекар и активист за човекови права кој живее на планински врв надвор од Акапулко, рече дека слушнал гласен татнеж и дека сите кучиња во неговата населба почнале да лаат пред да добие сеизмичко предупредување на својот мобилен телефон.
Табоада, според АП, проценил дека потресите биле послаби отколку во некои претходни земјотреси и дека не можел да контактира со некои пријатели кои живеат покрај Коста Чика, југоисточно од Акапулко, бидејќи комуникациите биле прекинати.












