Битолскиот пејач Сефедин Бајрамов, заедно со Камерниот оркестар на Битола и со своитегости Ана Петановска и Виктор Апостоловски, на 12 февруари, во пресрет на празникот на виното и љубовта, ќе одржи концерт насловен „Прстен за неа“, во големата сала на Центарот за култура – Битола.
– Ова нема да биде обичен концерт, туку ќе претставува музичка приказна наменета за љубовта, емоциите, ветувањата и вечните песни што не се забораваат – вели за долгоочекуваниот музички проект директорот на Центарот за култура – Битола, Сашо Илковски.
Водителка на концертот ќе биде Каролина Петковска од МРТ.
Инаку, Сефедин Бајрамов има богата музичка кариера, чии почетоци датираат од 1972 година, кога првпат запеал во родниот град. На концертот, тој ќе изведе 16 композиции – дел од неговиот најпознат репертоар, но и песни што првпат ќе бидат изведени концертно.
– На концертот ќе бидат изведени мои песни, во соработка со композитори и текстописци, и нема да има песни од други изведувачи. Гостите ќе исполнат две песни, кои ќе ги изберам. Јас сум изведувач, главно, на мелодии со лирско-емотивна содржина и така ќе биде и овој пат. Публиката знае што да очекува – вели Сефедин, кој на концертот ќе пее и песни што првпат ќе бидат изведени.
Во однос на насловот на концертот „Прстен за неа“ (песна напишана од м-р Валентин Соклевски), Бајрамов посочува дека се работи за песна што е постара, но е прифатена од сите генерации.
– Сакам да им ја доближам серенадата, по која е позната Битола, на младите и таа да живее во Битола уште многу години – посочува Бајрамов.
Соклевски, пак, кој соработува со него од 80-тите години, истакна дека песните се евергрини и ќе траат со генерации, а самиот пејач го нарече „битолски славеј“.
За песната „Прстен за неа“, пак, која е напишана во 2007 година, додаде дека е инспирирана од вистински случај.












