Последните правила за влез и излез од Шенген-зоната доведоа до сериозни проблеми за македонските камионџии. Дваесетмина возачи се соочиле со санкции во последните месеци: 13-мина биле депортирани, но седуммина добиле забрана за работа со „црн печат“ во пасошите, со траење од шест месеци до една година.
Билјана Муратовска од асоцијацијата на камионски транспортери „Макамтранс“ посочува дека четиридневните протести на транспортерите од Западен Балкан го привлекле вниманието на Брисел, но дека сè уште не е решен проблемот. Европската комисија најавува преодно решение, но доколку не се преземат мерки наскоро, можни се, повторно, протести и блокади на границите.
Муратовска предлага привремено решение: печатите во пасошите на возачите да не се бројат додека трае преодниот период. Долгорочно, според неа, камионџиите треба да добијат третман како пилотите и машиновозачите, кои се изземени од новиот електронски систем за контрола на влез и на излез.
– Очекувам да се надмине проблемот во рок од два до четири месеци ако се донесе соодветно решение – вели Муратовска.












