Најголем број од пензионерите во земјава од наредниот месец ќе добиваат помали пензии, истакна премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски. Мицкоски рече дека Уставниот суд веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите.
Иако не го спомена името на судијката Добрила Кацарска, која пред Уставниот суд иницираше постапка за оцена на уставноста на последните законски измени од септември годинава, а со кои пензионерите добија по илјада денари линеарно зголемување во септември, а исто толку требаше да добијат и во март идната година.
– Последните информации се дека е донесена одлуката, дека е потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно со процентите утврдени со Законот што важеше претходно – изјави Мицкоски, нарекувајќи ја судијката „архетип на неправдата“.
Мицкоски рече дека наводно Уставниот суд ќе ја укине и одредбата за платите на судиите и на обвинителите, со што нивните примања енормно ќе се зголемат.
Од Уставниот суд преку соопштение го демантираа премиерот.
– Не е донесена конечна одлука за предметот У.бр.13/2025, во врска со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување). Судот укажува дека на 24. седница одржана на 19.11.2025 година со мнозинство гласови, изрази сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот. Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука – велат од Судот.
Во однос на прашањата, дали Уставниот суд поведе постапка за сите линеарни покачувања кои досега беа исплатени на пензионерите, од Судот информира дека нема да ги преиспитува одредбите кои го опфаќаат зголемувањето на пензиите по 2.500 денари (исплатени во септември 2024 и март 2025 година) бидејќи на седницата која се одржа на 19 ноември Судот ја отфрли иницијативата за преиспитување на членовите 3 и 18 кои го регулираа тоа прашање, поради фактот што истите беа од темпорален карактер и не се повеќе дел од правниот промет.
Токму пензиите беа во фокусот на пратеничките прашања. Јованка Тренчевска од СДСМ рече дека „поради оваа иницијатива на оваа судијка, која е дел од Уставниот суд“, 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец
Таа посочи дека се потрошени парите во буџетот предвидени за трансфери до ПИОМ, поставувајќи му прашање на заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, од каде тогаш ќе се исплаќаат пензиите.
– Дупката во Фондот за ПИОМ е над 1 милијарда евра, односно толку пари ќе префрла државата за да може да се сервисираат пензиите секој месец. Ставката од која се трансферираат средствата од Министерството кон Фондот за исплата на пензиите е 100 % реализирана, односно пари на таа сметка нема. Сите средства со кои располагаше Фондот беа искористени за исплата на пензиите во ноември, за декемвриската пензија нема средства. Но не е само со пензиите, и со правата и надоместоците за социјална заштита исто така, и со социјалните услуги и со заштитните друштва. Едноставно, сè нема доволно пари во– ставките за овие права – рече Тренчевска.
Велковски, пак, ѝ порача на Тренчевска да не сее страв дека Пензискиот фонд е пред колапс, дека нема да има пензии на 1 декември.
– Сето тоа се лаги и ќе биде демантирано за само неколку дена. Ќе бидат исплатени тие пензии, и во 2026, и во 2027 и понатаму и ќе има покачување согласно со законските прописи. Граѓаните нека бидат мирни – рече Велковски.
Тој потсети дека владите на СДСМ не работеле на зголемување на пензиите. Рече дека пензиите се усогласуваат по две компоненти: инфлацијата и трошоците за живот.
– Крајната цел е, а и така е направен законот, тие што се тука, во земјава, треба да добијат покачување на своите пензии. Се грижиме за сите граѓани, но оние што се тука, во Македонија, се приоритет. Секој еден од нив придонесува за ова општество и ние треба да се грижиме за секој еден од нас – потенцира Велковски.
(С. Бл.)












