Азербејџанските власти уапсија седум лица поврзани со новинската агенција „Спутник Азербејџан“ финансирана од Русија, соопшти денес Министерството за внатрешни работи во Баку, објави рбсукраина.
Маскирани полицајци извршија рација во канцелариите на „Спутник Азербејџан“ во понеделник, а Министерството за внатрешни работи на Азербејџан соопшти дека медиумот работи преку „нелегално финансирање“, и покрај тоа што му беше одземена акредитацијата во февруари.
Главниот уредник Евгениј Белоусов и уредничкиот директор Игор Картавих беа приведени во рацијата, додека пет други се под истрага за наводна измама, нелегално претприемништво и криминално стекнување имот, објавува „АП“.
Белоусов и Картавих се обвинети за заговор за извршување измама, што носи максимална казна од 12 години затвор, а исто така се обвинети за заговор за перење пари или друг имот и заговор за спроведување нелегално претпријатие.
Двајцата беа уапсени и осудени на најмалку четири месеци притвор.
Матичката компанија на „Спутник“, „Раша тудеј“, денес објави дека е „длабоко загрижена“ за рацијата и дека меѓу приведените имало азербејџански вработени.
Додаде дека на дипломатите од рускиот конзулат им е одбиен пристап до приведените граѓани, а станот на Картавихов бил претресен и запленета компјутерска опрема.
„Сите овие дејствија се неосновани и доведоа до блокирање на Спутник Азербејџан. „Ги повикуваме азербејџанските власти веднаш да ја решат оваа неприфатлива ситуација и да ги ослободат нашите колеги“, соопшти „Раша тудеј“.
Кремљ, исто така, повика на ослободување на вработените во „Спутник Азербејџан“, додавајќи дека таквите мерки „апсолутно не се во согласност со општоприфатените правила и норми и не одговараат на духот и природата на руско-азербејџанските односи“.
Порано денес, државната форензичка служба на Азербејџан соопшти дека резултатите од обдукцијата спроведена во Баку врз двајца Азербејџанци кои починаа минатата недела откако беа уапсени од руската полиција покажаа дека биле претепани до смрт.
Смртта на браќата Зијадин и Хусеин Сафаров предизвика дипломатски тензии меѓу Москва и Баку и доведе до апсење на новинари за руските државни медиуми кои работат во Азербејџан, објави „Ројтерс“.
Амбасадорот на Азербејџан во Русија беше повикан во Министерството за надворешни работи во Москва во вторник за да му биде врачен официјален протест поради „непријателските дејствија на официјален Баку и нелегалното апсење на новинари“, објави „Ројтерс“.
Влошувањето на односите меѓу Русија и Азербејџан продолжи откако истражителите минатата недела во Екатеринбург, руски индустриски град, извршија десетици рации врз етнички Азербејџанци осомничени за вмешаност во нерешени злосторства, вклучувајќи сериски убиства.
Браќата Сафаров починаа за време на овие апсења, во кои беа приведени вкупно шест лица.
Руските власти првично соопштија дека Зијадин починал од срцев удар, без да ја наведат причината за смртта на Хусеин.
Телата на починатите браќа беа вратени во Баку во понеделник вечерта за дополнително форензичко испитување, по што раководителот на форензичката служба во Министерството за здравство на Азербејџан, Адалат Хасанов, објави дека резултатите од обдукцијата покажале дека браќата починале од „посттрауматски шок“ по силно тепање.