Седум повредени, еден прободен за време на традиционалната трка со бикови во Шпанија

78
Фото: EPA/Jesus Diges

Еден маж беше прободен, а седум други претрпеа полесни повреди за време на утринската трка на биковите на традиционалниот фестивал „Сан Фермин“ во шпанскиот град Памплона, соопштија градските служби за итни случаи, пренесе „Танјуг“.

Повредениот маж, на возраст над 25 години, беше прободен под десната пазува и е во болница, но во стабилна состојба, изјави портпаролката на службата, според „Ел Паис“.

Другите седум лица претрпеа модринки и контузии, главно на рамото и главата.

За време на утринското трчање, еден од биковите застана на средина од патеката и неколку пати се нафрли врз тркачите.

Фестивалот „Сан Фермин“, кој се одржува секоја година на почетокот на јули, вклучува трчање со борбени бикови низ тесните улици на Памплона до градската арена за бикови, каде што подоцна се одржуваат борбите.

Учесниците, традиционално облечени во бело со црвени шалови, трчаат пред биковите на патека долга околу 850 метри.

Настанот доби меѓународна слава благодарение на романот на Ернест Хемингвеј од 1926 година „Сонцето повторно изгрева“.

Откако започна водењето евиденција, најмалку 16 лица ги загубија животите за време на фестивалот, последниот во 2009 година.

Покрај трките и тепачките, фестивалот „Сан Фермин“ вклучува целодневни забави, музика, танцување и религиозни церемонии во чест на светецот-заштитник на градот, „Свети Фермин“.

ИЗДВОЕНИ