Седум објекти во Куманово до крајот на 2025 година ќе бидат приклучени на гасификациската мрежа, како дел од проектот „ЕУ за чист воздух“, информираа од Општина Куманово.
Од Општина Куманово информираат дека градежните активности веќе се во тек и се очекува да завршат до крајот на годинава. Гасификацијата ќе ги опфати основните училишта: „Толи Зордумис“, „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, кои користат една зграда, еден објект и „Панче Пешев“, како и четири јавни институции – Центарот за социјални работи, Центарот за вработување, СВР Куманово и Основниот суд.
Претходно, во рамките на проектот беа гасифицирани средното училиште „Наце Буѓони“ и ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“.
– Придобивки од овој проект ќе имаат сите институции што се вклучени во процесот на гасификација. Со замена на системите за затоплување од лесно масло на природен гас, ќе се придонесе за намалување на аерозагадувањето, а воедно институциите ќе заштедат средства – потенцираат од Општина Куманово.
Проектот „ЕУ за чист воздух“ е финансиран од Европската Унија, преку инструментот за претпристапна помош. Потписник на програмата е канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (UNOPS). Во рамките на овие активности, Општина Куманово соработува и има значајна поддршка од ЈП „Куманово гас“ и од ЈП „Чистота и зеленило“.