Во синдикалната минимална кошница е предвиден трошок за седум ноќевања во Дојран, но половина од македонските работници не можат да си го дозволат ниту тоа. Податокот од европската статистика дека дури 56 отсто од домаќинствата во Македонија не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор е поразителен. Од Сојузот на синдикати на Македонија за весникот ВЕЧЕР појаснуваат дека ова покажува колкав е стандардот на работниците и колкава е економската моќ на граѓаните. Оттаму додаваат дека барањето за пораст на платите е реална потреба
Во Македонија дури 56 отсто од граѓаните не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор, објави европската статистика. Тоа значи дека летувањето за половина од домаќинствата во земјава станува луксуз и не можат да отидат ниту седум дена во бунгалов во Дојран. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека бројките се поразителни и дека покрај тоа што според Законот за работни односи работниците имаат најмалку 20 дена годишен одмор и земаат регрес за годишен одмор, односно К-15, не можат да отидат на одмор. Поради тоа, како што велат од ССМ, барањата за пораст на платите не се без причина, туку реална потреба.
– Во синдикалната минимална кошница е предвиден трошок за седум ноќевања во Дојран од 23 до 30 јуни, но половина од македонските работници не можат да си го дозволат ниту тоа. Потребен е пораст на платите за да можат македонските работници да си овозможат пристоен годишен одмор за себе и за своите семејства, затоа што и минималната и просечната плата се најниски во регионот, а со нив 55,7 отсто од работниците не можат да си овозможат годишен одмор, велат од ССМ.
Оттаму за весникот ВЕЧЕР појаснуваат дека ова покажува колкав е стандардот на работниците и колкава е економската моќ на граѓаните.
– Практично, само 20 отсто од граѓаните можат да си дозволат годишен одмор, затоа што половина од овие 40 отсто кои одат на одмор го плаќаат на рати или земаат кредит. Парите од К-15 кои се наменети за годишен одмор обично ги земаат на крајот на годината и се однапред потрошени за огрев, зимница и други намени. Значи, со овие примања македонските работници не можат да видат плажа и можат да си дозволат да отидат само на базен и да платат дневна карта од 200 денари, изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Радовски од ССМ.
Од автокампот „Партизан“ во Дојран велат дека и покрај тоа што цените не се високи, нема луѓе и додаваат дека, веројатно, на Македонците им е скап и Дојран.
– За едно семејство, една недела летување во бунгалов во Дојран чини 10 илјади денари, додека во камп е поевтино и чини 800 денари од ден. Во бунгаловот ги има сите услови кои се потребни за пристоен одмор, односно, има веце со туш и фрижидер. Додека во кампот нема веце и туш, туку гостите го користат заедничкото веце и заедничките тушеви, како и фрижидерот во мензата на автокампот. Но, во камп одморот е најевтин и за седум дена ќе ве чини само 5.600 денари. Во автокампот има бифе и цените се пристојни, три оброци, односно, појадок, ручек и вечера ќе ве чинат 700 денари, изјавија за весникот ВЕЧЕР од автокампот „Партизан“ во Дојран.
Оттаму велат дека во автокампот може да се најде сместување во секое време, бидејќи слабо има туристи и е празно. Освен во кампот, како што велат, празно е и во градот, нема странски туристи, освен Србите кои одат во Грција и остануваат тука по една вечер да се одморат.
Ако направиме споредба со земјите од ЕУ, процентот на оние што не можат да си дозволат годишен одмор е далеку понизок од кај нас и во просек изнесува околу 27 отсто.
Според податоците на Евростат, во Германија, Франција, Шпанија и Италија повеќе од 5 милиони вработени не можеле да си дозволат еднонеделен одмор. Сиромаштијата меѓу работниците поради недостапност на одмор расте низ целата ЕУ.
– Овие податоци се резултат на сè понееднаков економски систем, каде што работниците се принудени да се откажат од својот одмор поради зголемените трошоци за сместување, транспорт и храна, заедно со опаѓањето на куповната моќ и економските шпекулации – наведуваат од Европската конфедерација на синдикати.
Од Источна и Јужна Европа, Романија има највисок процент на работници кои не можат да си дозволат еднонеделен одмор, дури 32 отсто. По неа следуваат Унгарија 26 отсто, Бугарија 24 отсто, Португалија и Кипар по 23 отсто и Словачка 22 отсто. Спротивно на тоа, најниска сиромаштија поврзана со одмор има во нордиските земји: Финска, Шведска и Данска, како и во Холандија, Луксембург и Словенија, каде што процентот се движи меѓу 5 и 7 отсто. Чешка, Австрија и Белгија, исто така, пријавуваат ниски стапки, со 10 отсто или помалку.
И покрај нивната економска моќ, дури и најголемите економии во ЕУ имаат загрижувачки нивоа на сиромаштија. Шпанија, 18 отсто и Италија, 17 отсто го надминуваат просекот на ЕУ од 15 отсто. Франција 12 отсто и Германија 11 отсто се под просекот, но и тие се со двоцифрени вредности.
Италија води со 6,2 милиони работници кои не можат да си дозволат одмор, а зад неа се Германија 5,8 милиони, Шпанија 5,6 милиони и Франција 5,1 милион. Во Романија и Полска над 3,5 милиони работници не можат да си дозволат еднонеделен одмор. Во Унгарија и Португалија бројката е над 1,5 милион.
(А.С.)