недела, јули 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СЕДНИЦА ЗА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ: Наскоро ќе се гласа за...

СЕДНИЦА ЗА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ: Наскоро ќе се гласа за законот за правичната застапеност, квалитетот поважен од процентите

Познавам многу Албанци, верувајте многу, дури можеби повеќе и од вас, кои се мои пријатели семејни, другари, блиски, кои не сакаат да се гледаат себеси низ проценти – изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање

538

Пратениците во македонскиот парламент наскоро ќе гласаат за предлогот на законот за правична застапеност, во кој главен критериум за вработувањата во јавните служби ќе биде квалитет, а не етничката припадност. Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничкото прашање на Скендер Реџепи од опозициската коалиција „Европски фронт“. Македонската Влада неодамна ја усвои верзијата на законот, која доби и позитивно мислење од Венецијанската комисија. Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, тогаш соопшти дека стручноста и компетентноста ќе бидат примерен, а припадноста кон подзастапена заедница, секундарен критериум за вработувањата во јавниот сектор. Во законот, според сознанијата, се предвидува граѓаните, при вработување во јавната администрацијата, доброволно да се изјаснуваат за етничката припадност, но може и да не се изјаснат на која заедница ѝ припаѓаат. За да се спречи злоупотреба од арбитрарно изјаснување, ќе се земаат податоците од личните документи на граѓаните, односно личното име запишано во лична карта или во друга јавна исправа издадена од надлежен орган

– Многу скоро, овде, во Парламентот, ќе имате можност да го гласате законот за правична застапеност, каде што процентите не се важни, туку квалитетот. Очекувам поддршка од вас. И познавам многу Албанци, многу, верувајте многу, дури можеби повеќе и од вас кои се мои пријатели семејни, другари блиски, кои не сакаат да се гледаат себеси низ проценти – рече Мицкоски од собраниска говорница.

Тој одговараше и на прашањата на Реџепи за тоа дали би поддржал уставни измени поврзани со јазичната политика.

– За правосудниот испит, ако сте го прочитале законот, ќе прочитате таму дека полагањето не е регулирано со законот на кој јазик ќе биде, туку тоа го уредува министерот. Колку министри за правда биле од коалицијата што ја поддржувате, зошто не го уредиле? Затоа што сте лицемерни, затоа што сте патриоти од „Али експрес“, кога сте во опозиција, а во влада промовирате зелени екоагенди. Кога сте во опозиција, сакате да создадете етнички конфликт каде што го нема – рече премиерот Мицкоски.

Пратеникот Реџепи зборуваше за одредницата 20 проценти поврзана со албанскиот јазик, но и за наводни навреди искажани кон Албанците. Ги спомена и Израел како геноцидна држава и други држави, но и Венецијанската комисија, за која тврдеше дека во европски држави не се консултираат со неа при носење закони. Опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ веќе најави дека ќе гласа против ваквото законско решение и дека тоа претставува регрес. Оваа партија забележува и тоа дека нема обврска институциите да ги идентификуваат граѓаните по етничка основа при вработување, ниту, пак, се предвидени казни за непочитување на одредбите.

Според премиерот Мицкоски, заедничката татковина се гради со меѓусебно поддржување на различните етнички заедници.

– Оставате лош пример за оние по вас. Вие сте опозиција и мислите дека ќе привлечете внимание на овој начин. Слушајте го мојот говор на Денот на светите просветители Кирил и Методиј, каде што јасно и гласно кажав што значи мајчин јазик и дека секој има право да го користи својот мајчин јазик. Венецијанската комисија кажува дали некој закон е во согласност со меѓународното право, и второ, во тој Европски суд за човекови права лежат, фаќаат прашина, 14 пресуди за нашето македонско братство, заедница во Бугарија кои Бугарија не ги применува. Очекував да кажете дека стоите зад вашите сограѓани Македонци и заедно ќе се бориме. Така настапува објективен поддржувач на соживотот во мултиетничка Македонија, моја и ваша татковина како Македонец и Албанец. Нашата заедничка татковина така се гради, кога ќе се подржуваме едни со други. Јас поддржувам да не се гледаме низ призмата на проценти. Не сакам да ги гледам луѓето низ проценти, туку низ квалитет и низ објективна оптика – нагласи Мицкоски. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ